Во писмо до македонската влада, Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ бара да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови.
Станува збор за четирите хашки случаи „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во 2012 година со гласање за автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година одлучија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите случаи.
„Да се отповика автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови“, се вели во препораките на Мијатовиќ во писмото до македонската влада од 15 јануари, објавено вчера од Советот на Европа.
Таа додава дека без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество.