НА ЦРНА РЕКА ТРЕБА ДА СЕ ИЗГРАДИ НОВ ЖЕЛЕЗНИЧКИ МОСТ, ПОСТОЈНИОТ Е САНИРАН ОД ОШТЕТУВАЊАТА, НО ПО НЕГО СМЕЕ ДА СЕ ВОЗИ СО 2О КМ/Ч

    НА ЦРНА РЕКА ТРЕБА ДА СЕ ИЗГРАДИ НОВ ЖЕЛЕЗНИЧКИ МОСТ, ПОСТОЈНИОТ Е САНИРАН ОД ОШТЕТУВАЊАТА, НО ПО НЕГО СМЕЕ ДА СЕ ВОЗИ СО 2О КМ/Ч

    Брзината на движењето на возовите по железничкиот мост на Црна Река кај Градско е ограничена на 20 км/ч. Иако и вториот носач на мостот беше поправен по оштетувањето во ноември, раководството на Македонски железници превентивно одлучи веднаш по пуштањето во сообраќај брзината да биде ограничена. Стручњаците предупредуваат дека е потребно да се изгради нов мост на устието на Црна Река во Вардар.

    Постојниот мост имаше проблеми уште при самата изведба, со квалитетот на вградените материјали и со местоположбата. Санацијата и на двата столба кои беа оштетени е времена, за да се одвива железничкиот сообраќај. Наша препорака е изградба на нов мост. Од МЖ ни потврдија дека ќе започнат со проектирање во близина на постојниот за да се санира трајно овој проблем и во иднина да не се случуваат слични инциденти, кои резултираат со запирање на железничкиот сообраќај“, вели Дарко Наков, професор на Градежен факултет при УКИМ во Скопје.

    Пред пет години се појави прв поголем проблем на овој мост. Тогаш на првиот столб се случи слегнување на темелите, што се почувствува и на главните носачи на пругата. Тој беше саниран. Лани се случи истиот проблем на средниот столб, беше пропаднат и мостот кај овој столб се спушти за 24 см. И во двата случаи, причината е идентична – Црна Река.

    Ние како МЖ не можеме да влијаеме врз промената на нивото на реката. Водата се испушта во зависност од потребите, доколку еден од блоковите на РЕК Битола не работи, се пушта поголема количина вода. Тоа резултира со поткопување на темелите на мостот“, рече Владимир Трајковски од МЖ.

    Тие планираат новиот мост да биде изграден на местото каде што и претходно имаше мост, кој во 2005 беше исечен, но основите постојат и можат да се користат.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира