ДИВИТЕ ДЕПОНИИ СЕ ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ ЗА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНА, ОПШТИНИТЕ ВООПШТО НЕ ГО СОБИРААТ СМЕТОТ ОД НЕКОИ СЕЛА

    ДИВИТЕ ДЕПОНИИ СЕ ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ ЗА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНА, ОПШТИНИТЕ ВООПШТО НЕ ГО СОБИРААТ СМЕТОТ ОД НЕКОИ СЕЛАОд Националниот парк бараат поголема соработка со локалните власти (Фото: СДК.МК)

    На повеќе места на Шар Планина, најчесто во близина на селата, постојат диви депонии со смет. Од Националниот парк Шар Планина велат дека проблемот лежи во општините од овој регион кои не го собираат сметот во овие високопланински села, поради што бараат поголема соработка со локалните власти во зачувувањето на животната средина.

    Состојбата во некои реони е алармантна. Можам да издвојам три општини: Тетово, Боговиње и Врапчиште, каде што има населени места или села од каде отпадот воопшто не се собира. Затоа апелираме до овие три општини да организираат соодветно собирање на сметот и да го транспортираат на соодветни места. Конкретно, Општина Тетово не собира никаков отпад во селата Ѓермо, Вејце, Бродец, Вешала и Бозовце, високопланински села кои се во составот на Националниот парк. Ова не е проблем од денес, туку постои од многу одамна, бидејќи во овие села никогаш не се собирал отпадот“, изјави Ибрахим Дехари, директорот на Националниот парк Шар Планина.

    Дехари го гледа излезот од ваквата состојба со сметот во поголемата соработка помеѓу Националниот парк и општините од овој регион.

    Ние како нова институција стапивме во контакт со сите овие општини. Секако, секоја општина си има свои посебни карактеристики или проблеми со отпадот. Затоа апелираме да соработуваат со Националниот парк за да најдеме соодветно решение и да отвориме нови можности за посетителите. Многу е лоша сликата кога ќе дојде некој посетител на Шар Планина и првото што ќе го види се купишта отпад“, вели Дехари.

    Од Националниот парк исто така посочуваат дека во изминатите седум дена имало седум шумски пожари, кои благодарение на брзата интервенција навреме се изгаснати, па се бара од населението и од посетителите да внимаваат и да не палат огнови на отворено.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира