Поранешниот конзервативен премиер Александер Стуб победи на вчерашните претседателски избори во Финска. Тој освои 51,6% гласови и неговиот ривал, Пека Хависто од Партијата на зелените, го призна поразот.
Ова беа првите избори во Финска откако земјата беше примена во НАТО.
Педесет и петгодишниот Стуб зазеде тврдокорен пристап кон Русија, која дели граница со Финска. Тој изјави дека пристапувањето на Финска во НАТО е завршена работа набргу откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022.
„Тешко е да се има каков било политички разговор со Путин додека Русија ја води агресивната војна во Украина. Така што, не верувам дека во блиска иднина ќе имаме некаква комуникација со Путин или со руското политичко раководство. Сите сакаме да најдеме пат до мирот, но ми се чини дека во овој момент, тој пат води само преку бојното поле“, изјави Стуб, кој беше кандидат на партијата Национална коалиција.
Тој и официјално ќе стане 13. претседател на Финска на 1 март, кога ќе ја преземе должноста од Саули Нинисто. Финскиот претседател е директно одговорен за надворешната и безбедносната политика на земјата.