Македонското знаме во центарот на Штип кое над 3 месеци месеци се вееше искинато и беше спуштено на половина јарбол денеска е заменето со ново, неколку часа откако САКАМДАКАЖАМ.МК ја објави веста дека е скинато.
Од фирмата „Бигор“, задолжена за одржување на знамињата и јарболите во Македонија, прво соопштија дека веднаш ќе бидат известени сервисните служби, кои рекоа дека ќе пратат екипа на самото место за да се види дали е скината главната сајла или само знамето.
Попладнево, една сервисна служба на фирмата-одржувач била во контрола на јарболите во неколку градови во источна Македонија, а по информациите за проблемот во Штип, веднаш отишла во овој град. Еден работник од сервисната служба ни кажа дека е утврдено дека не се работи за скината сајла на јарболот, туку само за скинато знаме, кое конечно, по повеќе од три месеци, беше заменето со ново.
Раководителот на кабинетот на градоначалникот на Штип, Трајче Здравков, кажа дека општинските служби во изминатите месеци повеќепати се јавувале во Државната служба за општи и заеднички работи и барале интервенција од надлежните служби, но немало реакција.
Т. ЈОВАНОВСКИ