Сообраќајот на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ вчера вечер беше во прекин на помалку од еден час поради инцидент што при полетувањето го имал авион на грчката авиокомпанија „Маратон ерлајнс“, која врши летови за „Ер Србија“, објави „Н1“. Авионот безбедно се вратил на аеродромот и немало повредени.
Авионот од типот „ембраер 195ЛР“ требало да лета за Диселдорф, но при полетувањето неговиот труп удрил во светлосната сигнализација на крајот на пистата. Се верува дека ова се случило зашто авионот полетал од погрешна позиција, односно кога бил на речиси половина од пистата, поради што немал доволно време порано да се одлепи од неа.
Авионот со 105 патници потоа еден час кружел над Белград за да потроши гориво да не биде претежок, а откако слетал било утврдено дека има дупка во трупот и оштетено крило. Поради истекување на горивото, пожарникарите морале да го прскаат авионот со пена за да се спречи пожар.
„Ер Србија“ соопшти дека авионот кој летал за Диселдорф бил вратен од технички причини и дека безбедноста на патниците во ниеден момент не била загрозена.
„Временските услови при полетувањето беа повеќе од добри. При полетувањето авионот излетал од пистата и дури по одвојувањето од земјата удрил во антена. Контролата на летањето му дала одобрување на екипажот да полета од адекватна позиција, но од необјасниви причини, авионот се нашол на пократка позиција одошто требало да биде“, изјави Петар Војновиќ од специјализираниот сајт „Танго сикс“, кој прв објави за инцидентот.
„Ер Србија“ користи неколку авиони од грчката авиокомпанија за да надомести дел од потребите. Авионите од типот „ембраер“ се изнајмени и со нив летаат странски пилоти, но кабинскиот персонал е српски.