Полицијата во германскиот град Есен објави повик на својот веб сајт да се пријават сведоци на убиството на 32-годишен македонски државјанин со тап предмет викендов.
„За да се расчистат прецизните факти за случајот, шефот на одделот за убиства ургентно бара повеќе сведоци на кривичното дело. Поточно, бараме од минувачи кои биле на улицата Кетвигер од областа Бургплац до плоштадот Вили Брант помеѓу 1 и 2.15 часот и забележале луѓе како се расправаат да нè контактираат“, стои во објавата на полицијата во Есен.
Ноќта помеѓу саботата и неделата, во полицијата во Есен била пријавена расправија на улицата Кетвигер. Кога пристигнале полицајците, затекнале сведок како се обидува да му помогне на човек во бессознание. Сведокот кажал дека имало расправа помеѓу повредениот човек и двајца други мажи, која што потоа преминала во физичка пресметка.
Повредениот е македонски државјанин, кој потоа во болница починал од повредите од удари со тап предмет. Двајца осомничени избегале кон железничката станица.
Врз основа на описот на сведокот, полицајците уапсиле 25-годишник од Еритреја на главната железничка станица во Есен и 29-годишен Еритреец на главната железничка станица во Милхајм.
Како дел од истрагата, сомнежот против 29-годишникот бил потврден и тој веќе е во притвор за убиство. 25-годишникот е пуштен на слобода.
Истрагата е во тек.