90-ГОДИШНИ ЖИТЕЛИ ВО КАРБИНСКИТЕ СЕЛА ЖИВЕАТ БЕЗ ВОДА ОТИ ПРЕСУШУВААТ СЕЛСКИТЕ РЕЗЕРВОАРИ, ОПШТИНАТА ЧЕКА ДА ПРОРАБОТИ НОВАТА ФИЛТЕР-СТАНИЦА

    90-ГОДИШНИ ЖИТЕЛИ ВО КАРБИНСКИТЕ СЕЛА ЖИВЕАТ БЕЗ ВОДА ОТИ ПРЕСУШУВААТ СЕЛСКИТЕ РЕЗЕРВОАРИ, ОПШТИНАТА ЧЕКА ДА ПРОРАБОТИ НОВАТА ФИЛТЕР-СТАНИЦАРезервоарите наскоро ќе се полнат од новата филтер-станица која ќе ја прочистува водата од Хидросистемот „Злетовица“. (Фото: СДК. МК)

    Жителите од селото Црвулево и соседните села во Општина Карбинци повеќе месеци немаат вода, а најпогодени се највозрасните од кои поголемиот дел се на возраст меѓу 80 и 90 години. Селските резервоари уште од лани располагаат со минимални количества вода и многу често секнуваат.

    Од Општина Карбинци велат дека проблемот е што селските резервоари во глобала се под директно влијание на неповолната хидролошка состојба. Летото помина без врнежи, зимата одминува без снег, а сите резрвоари се под бунарски систем. Помладите жители од селата, од кои повеќето живеат во Штип, не веруваат многу на овие објаснувања и тврдат дека ваквата состојба настанала откако селските резервоари што самите селани ги граделе со свои средства преминале во надлежност на Општината.

    „Принудени сме целото слободно време да го поминуваме во нашето село иако живееме во Штип или други места, но мораме да водиме грижа за нашите татковци и дедовци кои останаа без вода. Тие не сакаат да го напуштат селото, но мора да имаат вода за пиење и хигиена, па ние помладите ги обезбедувавме со мака, купуваме вода за пиење, носевме техничка вода во буриња за други потреби. За жал, не успеавме да го продолжиме животот на нашиот татко Тоде кој пред некој ден почина. Во слична ситуација сега е и најстариот жител во селото Стојан Цветанов кој има речиси 90 години“, вели Зоки Стојанов, кој заедно со брат му постојано се во Црвулево и им помагаат на постарите жители.

    Од Општина Карбинци потенцираат дека состојбата е слична со сите селски резервоари кои секнаа поради големата суша што владее овие години, но и поради несоодветно користење на водата од резервоарите.

    „Има и друга причина која подолго време се провлекува, а тоа е несоодветно користење на водата од резервоарите, па самите селани не можеа да се договорат за една правилна регулација при користењето на водата, а бунарскиот систем не може да изобилува со вода“, велат од Општина Карбинци.

    Од Општината велат дека овие проблеми брзо ќе се надминат, затоа што наскоро во селските резрвоари ќе тече здрава и чиста вода за пиење од новата филтерстаница која ќе ја преработува водата од Хидросистемот „Злетовица“.

    „Капацитетот е од 40 литри вода во секунда. Изградена е и водоводна мрежа од 18 километри со која се опфатени 8 населени места со 3.000 жители, што значи дека повеќе од 80 проценти од населението во општината ќе користи филтрирана вода со технологија која е набавена од Словенија. Недостасуваат само уште последните технички проверки, па водата од филтер станицата да протече низ целата Општина Карбинци“, вели градоначалникот Виктор Наумов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира