Јапонија донира над 300 илјади евра за пет проекти во Македонија и тоа за здравство, образование и за заштита на животната средина. Амбасадорот на Јапонија Казуја Оцука вчера потпиша пет договори за „Грант помош на мали проекти за човекова безбедност“ (ГГП) со цел да се подобрат основните човекови потреби во Македонија.
Парите ќе се наменат за набавка на дигитален рентген за Здравствен дом Неготино, набавка на комунално возило за Општина Ранковце, за набавка на ултразвук за Специјализираната болница за геријатрија и палијативна медицина во Скопје „13 Ноември“, за реконструкција на покривот на Основното училиште „Раде Кратовче“ во Општина Кочани и за реновирање на вратите и подовите на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје.
Од 1996, преку проектите од програмата за мали грантови (ГГП), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема и возила за повеќе од 76 училишта и градинки, 70 здравствени установи и обезбеди 36 специјализирани возила за управување со отпад и комунални услуги за 53 општини, во вредност од повеќе од 9,2 милиони евра.