Независниот синдикат на здравствени работници, административен технички персонал и технички персонал вели дека ќе протестираат ако нема усогласување на нивните плати со минималната плата.
На прес-конференција, националниот координатор на синдикатот Боби Бојчевски кажа дека ќе се протестира за време на паузи и дека во период од три часа би биле затворени јавните здравствени установи, а би се примале само итните случаи. Што од ова ќе биде спроведено, зависи како ќе се договорат претставниците на синдикалната организација овие денови.
„Да не се игра со чувствата на вработените во здравството, уште еднаш да не бидеме изманипулирани, бараме правилно и законски да се исплати платата согласно со Законот за минимална плата. Ова наше барање е основано и во согласност со Законот за минимална плата“, изјави Бојчевски.
Од март, минималната плата ќе изнесува 22.500 денари, а во моментов таа е 20.175 денари.