СПЕЦИЈАЛНО ЗА САКАМДАКАЖАМ.МК ОД КИЦБИЛ: И. ВЕЉКОВИЌ
Бројни славни личности како и вообичаено и годинава ја следеа во живо спуст трката од Светскиот куп во алпско скијање во Кицбил, Австрија. На главната трибина, австрискиот канцелар Кристијан Керн налета на Арнолд Шварценегер, холивудски актер и поранешен гувернер на Калифорнија. Сепак, двајцата не можеа да бидат задоволни од настапот на домашните скијачи, иако тоа не влијаеше многу на нивното расположение.
Победник на денешниот спуст во Кицбил беше Италијанецот Доминик Парис, за кого ова е втора победа на оваа патека по триумфот во 2013 година. 27-годишниот Парис го освои првото место на возбудливата трка и ја доби наградата од 74 илјади евра, откако извозе за 0,21 секунда побрзо од второпласираниот Валентин Жиру Моан од Франција.
„Да победиш двапати во Кицбил е неверојатно и брилијантно искуство. Имав среќа денеска, бидејќи некои од моите ривали не се снајдоа баш најдобро на секцијата Хојзберг и мислам дека тоа ја реши трката. Да видиме дали денеска ќе направиме подобра забава од 2013 година“, кажа Парис на прес-конференцијата по трката.
Покрај Шварценегер, во публиката беа и сопственикот на Формула 1, Берни Екслстоун, поранешните Ф1 шампиони Ники Лауда и Мика Хакинен, поранешната пливачка Франциска ван Алмцик и многу локални музички и телевизиски ѕвезди.
Скијачкиот викенд во најпрестижното австриско зимско одморалиште е познат и маратонските забави. Спонзорите на трката вчера организираа ВИП забави за австриската елита со, за нив, препознатливите бели колбаси, переци, шнапс и пиво. Вечерва забавата продолжува со вечера со шницли и настап на најпознатите австриски пејачи.