Студентите на медицинскиот колеџ „Алберт Ајнштајн“ во Њујорк ќе имаат бесплатна школарина откако доби донација од милијарда долари од Рут Готесман, која 55 години била претседателка на одборот на оваа установа. Деведесет и тригодишната Готесман ги донирала парите во името на својот покоен сопруг Дејвид Сенди Готесман.
„Ова е најголемата донација за кое било медицинско училиште во земјата“, изјави Филип Узуа, извршниот директор на „Монтефјоре медисин“, матичната компанија на училиштето.
Сенди Готесман, кој почина во 2022, бил коосновач на њујоршката инвестициска фирма „Фирст Менхетн“. Семејството Готесман долго време е вклучено во добротворни проекти поврзани со здравството. Во 2010 донирало 25 милиони долари за колеџот „Алберт Ајнштајн“.
„Многу сум му благодарна на мојот покоен сопруг Сенди што ми ги довери овие фондови и голема привилегија е да се даде ваков подарок за така достојна цел“, изјави Рут Готесман.
Таа се приклучила на ова медицинско училиште во 1968 година и помогнала да се развијат скрининг, евалуација и третмани за деца со пречки во учењето.