ЖЕНА ПАДНА ОД ТРЕТ КАТ ВО ОХРИД, ПОЛИЦИЈАТА ДОПРВА ЌЕ УТВРДУВА ДАЛИ Е ОБИД ЗА УБИСТВО ИЛИ НЕСРЕЌЕН СЛУЧАЈ 

    ЖЕНА ПАДНА ОД ТРЕТ КАТ ВО ОХРИД, ПОЛИЦИЈАТА ДОПРВА ЌЕ УТВРДУВА ДАЛИ Е ОБИД ЗА УБИСТВО ИЛИ НЕСРЕЌЕН СЛУЧАЈ Жената паднала од социјалната зграда која има околу 70-тина станови. (Фото: СДК.МК)

    Девојка доби тешки телесни повреди при пад од зграда во Охрид. Несреќата се случила попладнево, кога жената од трет кат паднала на плочникот, а поради тешките повреди веднаш била пренесена в болница.
    Според првичните информации, станува збор за жена од Скопје, која била во врска со еден од станарите. Лишени се од слобода две лица.

    „Денеска во 11.10 часот, во СВР Охрид е пријавено дека од трети кат на зграда на улицата Карпош Војвода во Охрид, паднала жена која потоа со возило на Итната медицинска помош е пренесена во болницата ‘Св. Еразмо’ во Охрид. Во врска со настанот, во 11.45 часот, на улицата Јане Сандански во Охрид, лишени од слобода се А. Д. (32) и Е. М. (21) двајцата од Охрид. На местото на настанот, увид вршат Јавен обвинител и полициски екипи и се преземаат мери за целосно расветлување на настанот“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

    Дали станува збор за обид за убиство или несреќен случај полицијата допрва ќе истражува.

    Од болницата „Св. Еразмо“ велат дека биле констатирани тешки телесни повреди, искршени ребра, а како последица на тоа и воздух во градната шуплина па жената била веднаш препратена на Хируршкото одделение во Општата болница во Охрид.

    Социјалната зграда има околу 70-тина станови и е позната по расфрланиот отпад, а тука често има нарушување на јавниот ред и мир и кражби од несовесни станари кои им го отежнуваат животот на останатите станари во зградата и на околното население. Станарите се жалат дека зградата е упропастена и никој не води сметка за нивната безбедност.

    „Само што слеговме пред зграда видовме страшна глетка. Жената лежи во крв на плочникот. Боже каде живееме?“ вели една станарка, мајка на едно дете.

    Очевидец на настанот кој сакаше да остане анонимен, кажа дека слушнал кавга и расправија, а потоа телото на жената било на земја, но неофицијално жената при распитот кажала дека сама паднала.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира