ЗАВРШИ ОБНОВАТА НА ЦРКВАТА „СВ. ТРОЈЦА“ ВО МОСТАР, ДЕЛО НА АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ, КОЈА БЕШЕ РАЗРУШЕНА ВО ВОЈНАТА ВО БИХ

    ЗАВРШИ ОБНОВАТА НА ЦРКВАТА „СВ. ТРОЈЦА“ ВО МОСТАР, ДЕЛО НА АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ, КОЈА БЕШЕ РАЗРУШЕНА ВО ВОЈНАТА ВО БИХЦрквата „Св. Тројца“ е изградена во 1873, а била запалена, минирана и разрушена во 1992. (Фото: М. Дугалиќ)

    Завршија градежните зафати за обнова на црквата „Св. Тројца“ во Мостар, БиХ, која е дело на Андреја Дамјанов (1813-1878), еден од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот од периодот на македонската преродба. Црквата беше разрушена во војната во 1990-тите. Обновата продолжува со живописувањето на внатрешноста на црквата.

    „Обновата траеше повеќе од 10 години. Надворешната реконструкција е завршена, додека внатрешните работи започнаа скоро. Средства за обнова на црквата доаѓаат од јавни, приватни и странски донации. ЕУ не учествуваше во обновата на православната црква во Мостар“, стои во одговорот на Европската делегација во БиХ на прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК за обновата на храмот.

    Црквата „Св. Тројца“ е изградена 1873 и била еден од симболите на Мостар. Во 1992 била запалена, минирана и разрушена. Среќна околност е што иконите биле навреме изнесени и се чуваат во Требиње. За рушењето на црквата досега никој не одговарал. Нејзината обнова започна во 2010.

    Андреја Дамјанов е роден во селото Папрадиште, Велешко, во семејство на познати мијачки градители. Со своите браќа градел цркви во Македонија, Бугарија, Србија и во Босна и Херцеговина. Негови дела се црквите „Св. Пантелејмон“ во Велес, „Успение на Св. Богородица” во штипско Ново Село, „Св. Ѓорѓи” во Смедерево, „Св. Троица“ во Ниш и „Рождество на Пресвета Богородица“ во Пирот, како и манастирот „Св. Јоаким Осоговски“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира