Владимир Путин го предупреди западот дека Русија е подготвена за нуклеарна војна, а ако САД испратат војници во Украина, тоа ќе биде значајна ескалација на војната. Путин, кој зборуваше пред руските медиуми во пресрет на претседателските избори во Русија, вели дека нуклеарното воено сценарио засега не е на повидок и не гледа потреба од користење нуклеарно оружје во Украина.
„Од воено-техничка гледна точка, ние сме спремни“, кажа Путин.
Според него, САД сфаќаат дека секое распоредување американски трупи на руска територија или во Украина ќе се смета за интервенција.
„Во Америка има доволно експерти за руско-американските односи и на полето на стратешко воздржување. Затоа, не верувам дека на некого му се брза да почне нуклеарен судир, но ние сме подготвени за тоа“, изјави Путин.
Војната во Украина ја предизвика најдлабоката криза во руските односи со западот уште од Кубанската криза во 1962 и Путин неколкупати предупреди дека западот ризикува да испровоцира нуклеарна војна ако испрати борбени трупи во Украина. Западните лидери ветија дека ќе ја поразат Русија во Украина, но по повеќе од две години, руските сили контролираат околу една петина од украинската територија.
„Оружјата постојат за да се користат. Ние си имаме наши принципи“, кажа Путин, додавајќи дека Русија е подготвена да преговара за Украина, но тоа мора да биде засновано врз реалноста.