ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ ВО ПРИЛЕП ПРАВЕЛО ЕТНИЧКА СЕГРЕГАЦИЈА, ГИ ОДВОЈУВАЛО РОМСКИТЕ ДЕЦА ВО ПОСЕБНИ ПАРАЛЕЛКИ

    ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ ВО ПРИЛЕП ПРАВЕЛО ЕТНИЧКА СЕГРЕГАЦИЈА, ГИ ОДВОЈУВАЛО РОМСКИТЕ ДЕЦА ВО ПОСЕБНИ ПАРАЛЕЛКИСегрегацијата почнувала уште при уписот во прво одделение, а продолжувала и во погорните одделенија. (архивска фотографија)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила индиректна продолжена дискриминација од страна на ОУ „Добре Јовановски“ од Прилеп, која довела до сегрегација на ромските деца врз основа на етничка припадност во областа на образованието.

    Според претставката на родители од ромска националност, родители од македонска националност вршеле притисок врз менаџментот на училиштето нивните деца да бидат тргнати од паралелките кај што имало нивни врсници Роми, за да не доаѓаат во интеракција со нив.

    Подносителите на претставката тврдат дека така оставени нивните деца во исчистена етничка средина од децата не-Роми, добивале и многу понеквалитетна настава, што им ја загрозува на многу од нив можноста за идно, понапредно образование.

    Сегрегацијата почнувала уште при уписот во прво одделение, а продолжувала и во погорните одделенија. Така, при уписот на првачињата лани, ова основно училиште веднаш направило етнички чисти паралелки, составени само од ромски деца. Онаму каде што имало по некое дете од друга националност, родителите веднаш преку менаџментот на школото, го префрлувале во „македонски“ паралелки.

    За да им биде уште потешко на ромските деца и на нивните родители, во близина постои друго основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“, во кое пак според некоја направена реонизација, во кое речиси и да нема деца Роми. Таму пак во учебната 2022/2023 година на 809 македонски имало само 8 ромски деца, а во оваа учебна година на 818 ученици Македонци имало 9 Роми.

    Комисијата за дискриминација наведува дека кога родители Роми сакале да ги запишат децата во „Јане“ бидејќи по адреса на живеење припаѓале во ова училиште, биле усно одбивани и пренасочувани во „Добре Јовановски“.

    Така, оваа учебна година училиштето „Добре Јовановски“ од 1.701 ученик Ром формирало 27 чисти ромски паралелки. Остатокот се 286 ученици Македонци, кои учат во одделни паралелки. Овој случај на тешка дискриминација во образованието по однос на етничка припадност, го водеше Лимко Бејзароски. Комисијата за дискриминација ги усвои неговите препораки ОУ „Добре Јовановски“ во иднина да не смее да ги дели и дискриминира децата по етничка основа, а дадениот рок од 6 месеци за исполнување на обврската, се совпаѓа со уписот на првачињата за учебната 2024/2025 година.

    Комисијата бара општина Прилеп да ја прецрта реонизацијата и итно да обезбеди десегрегација на децата Роми во образовниот процес. Од директорите на двете училишта се бара во иднина да не потпишуваат желби на родители за префрлување на децата од едното во другото училиште, а од Инспекторатот за образование да се позанимава што се случува во школите со формирањето на етнички чисти паралелки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира