Еден од лидерите на Хамас, Марван Иса, е убиен во израелски воздушен напад, објави Белата куќа. Иса, кој беше заменик-шеф на военото крило на Хамас, е највисокиот функционер на оваа палестинска група кој загина од почетокот на војната на 7 октомври.
Израелските медиуми објавија дека Иса бил убиен во напад врз тунелски комплекс под бегалскиот камп Нусеират во централна Газа минатата недела.
Заменик-заповедникот на бригадите Изедин ал-Касам важеше за еден од најбараните луѓе во Израел, а Европската Унија го истакна како еден од организаторите на упадот на Хамас од 7 октомври, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе. Иса помина пет години во затвор по првата палестинска интифада, односно востание.
Израелската војска има убиено неколкумина високи функционери на Хамас од 7 октомври, вклучувајќи го политичкиот лидер на групата Салех ал-Арури, кој загина во напад со дрон во Бејрут.