ВО ВЕВЧАНИ ОТВОРЕНА ТРАЈНА ПОСТАВКА ЗА ПРИРОДНИТЕ БОГАТСТВА НА ВЕВЧАНСКИТЕ ИЗВОРИ И ЈАБЛАНИЦА, КОЈА ЌЕ БИДЕ И ЕДУКАТИВЕН ЦЕНТАР

    ВО ВЕВЧАНИ ОТВОРЕНА ТРАЈНА ПОСТАВКА ЗА ПРИРОДНИТЕ БОГАТСТВА НА ВЕВЧАНСКИТЕ ИЗВОРИ И ЈАБЛАНИЦА, КОЈА ЌЕ БИДЕ И ЕДУКАТИВЕН ЦЕНТАРПоставката е изработена на македонски и англиски јазик (Фото: Еко-свест)

    Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во соработка со Општина Вевчани ја отвори трајната поставка за природата насловена „Патување низ природните богатства на Вевчански Извори“, која се наоѓа во мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани. Целта е промоција на природните вредности на Вевчанските Извори и на планината Јабланица преку едукација и подигнување на јавната свест.

    „Трајната поставка ќе биде и еден вид едукативен центар за учениците од основните и средните училишта, но и за туристите, студентите и сите љубители на природата. Таа претставува и наша определба за заштита не само на споменикот на природата Вевчански Извори, туку и на целата планина Јабланица“, изјави Дарко Ќитаноски, проектен координатор на „Еко-свест“ во Вевчани.

    Изложбата се наоѓа во мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани (Фото: Еко-свест)

    Поставката, која е изработена на македонски и англиски јазик, преку забавни и едукативни содржини за сите возрасти овозможува запознавање со природните вредности и реткости на подрачјето.

    „Ги покануваме сите училишта, студенти, туристи да ја посетат трајната поставка и да уживаат во нејзините содржини. Имаме со што да се пофалиме и тоа со радост го споделуваме, а сега и го овековечивме со оваа трајна изложба“, додаде Наум Илиески, локален координатор на „Еко-свест“ во Вевчани.

    Поставката е изработена и поставена од „Еко-свест“ како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со споменикот на природата Вевчански Извори“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира