Великанот на босанската литература и еден од најзначајните сценаристи во југословенската кинематографија Абдулах Сидран почина на 79 години.
Роден во Сараево во 1944, Сидран почнал да пишува проза и поезија во средина на 1970-тите, а до почетокот на војната во БиХ во 1992 беше водечки драматург во ТВ Босна и Херцеговина.
За своите поетски книги ги има добиено најзначајните книжевни и општествени признанија во БиХ и регионот, а за книгата „Сараевски табут“, која ја објави за време на војната, ја прими угледната „Награда на слободата“, што ја доделува францускиот ПЕН центар. Неговата поезија е преведена на бројни јазици.
Академик Сидран беше и автор на сценаријата за култните филмови на Емир Кустурица „Се сеќаваш ли Доли Бел?“ и „Татко на службен пат“, како и за филмовите „Кудуз“, „Празник во Сараево“, „Совршен круг“ и други.