Oригинални разгледници од збирката на Музејот на Македонија и оригинални фотографии од Македонија од 1891 од европски познатиот зоолог д-р Рудолф Штурани, содржи изложбата „Македонија низ магијата на фотообјективот“ која се отвори деновиве во Музејот. Поставката содржи 56 фотографии од Штурани и 133 разгледници од повеќе градови во Македонија, а автори на изложбата се Боро Бунтески и Анета Попантоска.
Авторите велат дека Штурани работел како кустос и дворски советник во Природонаучниот дворски музеј во Виена (денес Природонаучен музеј). Штурани заедно со светски познатиот зоолог д-р Франц Штајндахнер, во 1891 ја посетил Македонија, за да ги проучува акватичните гастроподи во македонските езера.
„Д-р Штурани е првиот научник кој укажува на огромното значење на езерата во Македонија и на нивниот реликтен карактер, пред сѐ на Охридското Езеро, опишувајќи неколку нови реликтно-ендемични видови. Првите резултати од своите истражувања ги објавил во 1894. Благодарение на д-р Штурани и на неговиот ментор, д-р Штајндахнер, кој прв во науката ги опишал ендемичните видови риби во нашата држава, Македонија е веќе промовирана во европските научни кругови како сѐ уште неистражено подрачје со огромен фаунистички диверзитет“, велат Бунтески и Попантоска, додавајќи дека на оваа изложба за првпат пред македонската јавност се претставени оригинални фотографии од овој познат австриски научник.
Говорејќи за разгледниците, тие потсетуваат дека во средината на 19. век, појавата на фотографијата претставува нов вид на визуелна комуникација, која денес е рамноправен дел на модерниот начин на живот. Фотографиите и разгледниците се јавуваат од потребата на луѓето да ги зачуваат или испратат на далечни места не само своите мисли и чувства, туку и својот лик и местото во кое живеат или кое го посетиле.
„Токму затоа, втората половина на 19. век и првата половина на 20. век се период кога, покрај фотографиите, сѐ повеќе среќаваме употреба на разгледници кои и самите се фотографии со текстуална содржина.Фотографиите и разгледниците кои почнале масовно да се произведуваат најчесто биле со туристички мотиви од градови, објекти, носии, но потоа сé повеќе се среќаваат и такви со љубовни, религиозни, спортски и други содржини. Македонија станала интересен мотив за издавачите не само од земјава, туку и од целиот свет. Разгледниците и фотографиите се користеле и од политички и воени причини, особено тоа го правеле завојувачите или оние што имале претензии кон Македонија“, рекоа Бунтески и Попантоска.
Од крајот на 19. век и почетокот на 20. век настануваат големи политички и економски промени на територијата на Македонија. Овие промени имаат соодветно влијание врз положбата и надворешниот изглед на македонските населени места. Од мали провинциски гратчиња и села на периферијата на Турското Царство, тие полека добиваат обележје на модерни европски градови, при што е видливо влијанието на западната традиција, прилагодена на потребите и можностите на овие простори.
„Идејата на изложбата ‘Македонија низ магијата на фотообјективот’ претставува доближување и запознавање на изворните вредности, претставени преку мотиви од оригинални разгледници и фотографии од Македонија. Секој град, секое населено место во Македонија има некоја своја уникатна историја и традиција, дел вистинита, дел имагинарна. Градовите и луѓето што живеат во нив имаат свој континуитет, кој постојано се гради и надградува. Во збирката се застапени разгледници печатени од локални, приватни издавачи и издавачи од Белград, Софија, Загреб, Берлин и други. За секој град има напишано по некоја интересна работа: народна песна извадок од патеписи на Евлија Челеби, извадок од патепис на Иво Андриќ, народни поговорки, легенди, забавни песни, народни обичаи“, додаваат тие.
Разгледниците и фотографиите од изложбата ги прикажуваат објектите што го карактеризирале Турското Царство од почетокот на 20. век и оние што настанале како резултат на продорот на странскиот капитал и железницата, додека, пак, оние од подоцнежниот период ги прикажуваат претежно објектите од периодот на владеењето на кралството на Србите, Хрватите и Словенците и Кралството Југославија.
„Со оглед на тоа дека е опфатен еден релативно долг временски период, низ изложбата може да се проследи замената на објекти со иста или слична функција на иста локација, во зависност од промената на власта, како и продирањето на различни стилови во архитектурата“, велат авторите на изложбата.
Б. НЕСТОРОСКА