Општина Битола постави нови клупи на Широк Сокак, за кои советниците од опозицијата обвинија дека го нарушуваат изгледот на старото градско јадро. Досега на Широк Сокак имаше кафеави клупи и зелени корпи за отпадоци. Пред неколку недели, јавното претпријатие „Комуналец“ ги замени со нови клупи во светла боја, потпирачи и метална конструкција, како и бели корпи за отпадоци, на кои е поставен грбот на Општината.
На новите клупи се дискутираше и на Комисијата за финансии и буџет при Советот на Општина Битола. Претседателката на Советот Габриела Илиевска го праша директорот на „Комуналец“ Горан Степановски дали според него клупите се совпаѓаат со амбиенталчниот изглед на улицата бидејќи имаат комплетно различна боја и структура и дали за тоа побарале дозвола од надлежните институции за заштита на културно наследство.
Степановски рече дека извршиле само замена на постоечките клупи со нови, зашто дел биле оштетени, па ќе ги репарираат и стават во други делови на градот.
Советникот од СДСМ Борче Корпевски рече дека го прекршиле Законот за старо градско јадро, според кој не смее да се менува постојаната урбана структура на јадрото и нејзините урбано-морфолошки карактеристики. Директорот на „Комуналец“ на ова одговори дека не направиле никакво оштетување.
Од Завод и Музеј Битола, институција задолжена за заштита на културното наследство, велат дека за промената на клупите никој не им се обратил, меѓутоа тоа е дел од Програмата за урбана опрема. Таа пак е истечена во 2017 година, па за одредени измени се носат нови одлуки. Се надеваат дека со новата програма, која е во изработка, ќе се почитуваат законите и нема да има разни импровизации.
Ж. ЗДРАВКОВСКА