ЦЕЛ ЖИВОТ СЕ ГРИЖАМ ЗА БОЛНИОТ БРАТ, НЕ МОЖЕ СЀ ДА ТИ Е ПОГОДЕНО – ПОДКАСТ СО ОПЕРСКАТА ПРИМАДОНА ВЕСНА ЃИНОВСКА – ИЛКОВА

    ЦЕЛ ЖИВОТ СЕ ГРИЖАМ ЗА БОЛНИОТ БРАТ, НЕ МОЖЕ СЀ ДА ТИ Е ПОГОДЕНО – ПОДКАСТ СО ОПЕРСКАТА ПРИМАДОНА ВЕСНА ЃИНОВСКА – ИЛКОВАВесна Ѓиновска - Илкова посветeно се грижи за својот брат кој е роден со ментално пореметување, а во подкастот зборува и за него. (Фото: СДК.МК)

    Првенката на Националната опера балет, сопранот Весна Ѓиновска- Илкова оваа година слави 30-годишен јубилеј на оперската сцена. Оперската примадона, во подкастот на САКАМДАКАЖАМ.МК, „За секого по нешто“, вели дека јубилејот би сакала да го прослави со оперска претстава.

    Подкастот можете да го гледате тука:

    На претстојните Мајски оперски вечери, таа нема да ја пее водечката улога во операта „Трубадур“, иако од Дирекцијата добила покана.

    „Секој уметник има одреден период во кој може да ги толкува улогите. Нашиот орган се менува, телото се менува и во одредена фаза од животот можат да се работат одредени ликови“, вели Ѓиновска- Илкова.

    Нејзините музички почетоци се врзани за виолончелото, откако тогашната директорка на средното музичко училиште ги советувала нејзините родители да почне да го учи овој инструмент.

    „Завршив виолончело во нижо музичко, но желбата за пеење ми беше многу голема. На една седенка во Галичник каде што имаме стара семејна куќа од 906 година, ме преслуша Симеон Гугуловски. Ја пеев „Зајди зајди“, и тоа беше судбинска средба, затоа што подоцна, тој ме испрати кај Милка Ефтимова, која подоцна беше моја професорка и ментор“, рече оперската пејачка.

    Вели дека сопругот Љубомир со кој има два возрасни сина го запознала на селска слава токму во Галичник, а тој ѝ е најдобриот критичар, и од дома не излегува на претстава без тој да оцени дали добро се подготвила.

    Таа посветeно се грижи за својот брат кој е роден со ментално пореметување, а во подкастот зборува и за него.

    „Брат ми има голема колекција на плочи од ексјугословенската поп-рок музика, и уште ја чуваме таа негова колекција и стариот грамофон. Се грижам за него, и тоа е судбина. Тој е роден со пореметување, и од самиот старт во животот има проблеми, потоа се накалемија и други. Како што велат, не може сѐ во животот да ти биде убаво, мора нешто да боцка. Јас се грижам за него, сега тој е сместен во дом, и му треба 24 часовна нега, а јас сум тука со него цел живот“, вели оперската примадона.

    М. ЏАРОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира