За да им овозможи полесен пристап до своите трансакции, Комерцијална банка воведе тактилни платежни картички прилагодени за лицата со оштетен вид.
„До крајот на годината, сите слепи лица бесплатно ќе можат да си ги заменат постоечките дебитни и кредитни картички со татктилни. ‘Комерцијална банка’ е првата банка која го воведе ова кај нас, затоа што се залагаме за инклузивност и независност на лицата со оштетен вид и со посебни потреби. Овие картички имаат посебна форма со засек, заоблен и квадратен и по тоа се разликуваат од останатите. Верувам дека оваа промена позитивно ќе влијае кај нашите корисници“, рече на прес конференција Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје.
Жарко Селковски, претседателот на Националниот сојуз на слепи лица, од својот телефон ја демонстрираше апликацијата на банката на македонски и на албански со која во секое време слепите лица имаат увид во своите трансакции.
„Со оваа апликација на сите ни е многу полесно. Благодарам за заложбата на банката за новите картички, за вакво нешто зборувавме уште пред десет години. Новите картички не само што ќе обезбедат поедоставен пристап на слепите лица, туку и значително ќе го подбрат нашиот секојдневен живот“, рече Селковски кој ги замоли одговорните од банката да воведат и говорни банкомати.
М. ЏАРОВСКА