ГРАД СКОПЈЕ ТРИ ГОДИНИ НЕ ОБЕЗБЕДУВА БЕСПЛАТНИ МЕНСТРУАЛНИ ПРОИЗВОДИ ЗА СРЕДНОШКОЛКИТЕ ИАКО ИМА БУЏЕТ, СЕ ПОДГОТВУВА ТОА ДА СЕ РЕШИ СО ЗАКОН ЗА ЦЕЛА ДРЖАВА

    ГРАД СКОПЈЕ ТРИ ГОДИНИ НЕ ОБЕЗБЕДУВА БЕСПЛАТНИ МЕНСТРУАЛНИ ПРОИЗВОДИ ЗА СРЕДНОШКОЛКИТЕ ИАКО ИМА БУЏЕТ, СЕ ПОДГОТВУВА ТОА ДА СЕ РЕШИ СО ЗАКОН ЗА ЦЕЛА ДРЖАВАМакедонија се наоѓа високо на листата земји кои не успеваат да управуваат со менструалната хигиена. (Фото: К. Попов)

    Додека трета година по ред се чека Град Скопје да им обезбеди бесплатни менструални производи на средношколките од Скопје затоа што за тоа е изгласна ставка и во градскиот буџет, невладиниот сектор подготвува предлог за законски измени со кој бесплатни менструални производи ќе добиваат сите ученички вклучени во образовниот процес.

    Изминативе години, неколку невладини организации и здруженија постојано истражуваа и апелираа до институциите дека на товар на државниот буџет треба да има бесплатни производи за ученичките во основните и средни училишта, а да бидат достапни и во јавните тоалети низ земјава.

    „Предлогот е во фаза на подготовка, уште не е комплетирана компаративната анализа. Во меѓувреме, работиме и на подигање на јавната свест за алтернативните производи за менструална хигиена со кои се влијае директно и на заштитата на животната средина како повеќекратните влошки, менструалните чашки. Во тој домен е и кампањата која ја работиме со ‘ДМ’, во рамки на која покрај подигање на свеста за алтернативните производи и едукацијата за менструалната сиромаштија, се донираа и повеќекратни влошки менструални чашки“, ни изјави Александра Радевска, проектна координаторка на организацијата Балканска водна мрежа.

    Жената во Македонија во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка, покажаа резултатите од студијата за пристапот до менструална хигиена во Македонија насловена „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, објавена во 2021. Наодите во ноември 2021 ги претставија Јана Коцевска од Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и Васка Лешоска од „Реактор – истражување во акција“, повикувајќи ги институциите и јавноста за менување на ставовите и разрушување на митовите поврзани со менструацијата.

    На крајот на декември 2021, беше прифатен амандманот на советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ДОМ Теодора Крстевска, со кој средношколките во училиштата во Скопје под надлежност на Градот ќе добиваат бесплатни менструални производи. Во буџетот за 2022 за оваа намена беа предвидени 2 милиони денари (32.000 евра)

    Ниту во 2022, ниту во 2023 година средношколките од Скопје не добија бесплатни менструлани производи. Иако со буџетот на Градот за 2023 година за оваа намена беа предвидени 4 милиони денари (65.000 евра), средствата не се префрлија ниту се спроведе проектот.

    „Веќе две години средствата се обезбедени, а градската администрација е ингорантна по однос на спроведување на иницијативата. Бидејќи на моите советнички прашања одговор нема, одговорете им на граѓаните каде е проблемот. Можевме да бидеме пример, да бидеме први во Европа. Еднаш, барем еднаш наместо за личен интрес направете нешто за доброто на сите. Поддршката ја имате, средствата се обезбедени, каде е проблемот“, рече лани советничката на ЛДП Теодора Радончиќ.

    Според организацијата Балканска водна мрежа, просечниот месечен трошок на средношколките за менструални производи изнесува 420 денари, што претставува значителен дел од месечните расходи и може да се смета за финансиско бреме, особено за семејства со повеќе жени во репродуктивен период, како и со семејства со ниски приходи.

    „Град Скопје за потребите на сите средношколки треба да издвојува 1.091.808 евра годишно, односно за менструални производи за 13.314 ученички тоа се 5.591.880 денари или 90.984 евра месечно. Влошките за повеќекратна употреба беа идентификувани како најсоодветна опција со намалени трошоци во долгорочен поглед. Проценката е дека користењето на влошките за повеќекратна употреба би ги намалило месечните трошоци за менструални производи за повеќе од 94 % во споредба со употребата на стандардни производи. Вложувањето во повеќекратно употребливи менструални производи, како што е менструалната чашка се покажа како една од најефективните начини за намалување на трошоците на долг рок. Според анализата, употребата на менструалната чашка може да го намали месечниот трошок за менструални производи за 93% и да се допринесе за значителна заштита на животната средина преку намалување на отпадот од еднократни производи. Од трошковната анализа произлегува заклучокот дека пристапот до достапни и економски прифатливи менструални производи е критичен за обезбедување на менструална правда и спречување на менструалната сиромаштија“, вели Радевска.

    Собранието лани на 19 септември ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност кој предвидува намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи. Со намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто на производите за менструација се намали продажната цена.

    Станува збор за измени кои премиерот Димитар Ковачевски ги најави уште на 1 декември 2022, кога кажа дека средствата за менструална хигиена (влошки, тампони, чашичка и слични производи), ќе имаат повластена даночна стапка од 5 проценти.

    Македонија се наоѓа високо на листата земји кои не успеваат да управуваат со менструалната хигиена, вели Наташа Доковска од Новинари за човекови права.

    „Во Македонија нема ниту едно основно училиште или средно училиште во кое тоалетите се адаптирани за управување со менструална хигиена. Во Македонија 90 отсто од ученичките во руралните средини не одат на училиште 4 до 5 дена кога имаат месечен циклус, додека 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена поради истите причини. Истражувањето покажа дека 19 отсто од девојчињата воопшто не купуваат никакви средства“, вели Доковска.

    Причината за тоа лежи во несоодветни услови за управување со менструалната хигиена на училиште/работно место и високата цена на чинење на средства за управување со неа.

    „Менструалните производи не се луксузни стоки. Управувањето со менструална хигиена треба да биде вклучено во родовото буџетирање“, рече Доковска во 2019.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира