Повеќе од две години од почетокот на војната во Украина, Русија распиша потерница по Володимир Зеленски, објавија руските државни медиуми. Покрај Зеленски, на листата се најдоа и неговиот претходник Петро Порошенко и заповедникот на украинските копнени сили Олександр Пављук, но не е наведено за какви кривични дела се бараат.
И руските функционери не појаснија со какви обвинувања се соочуваат тие.
„Вклучувањето на Зеленски на оваа листа е доказ за очајот на руската државна машина и пропаганда“, објави украинското министерство за надворешни работи.
Русија претходно распиша потерница и по функционери од членки на Европска Унија, па на оваа листа се најде естонската премиерка Каја Калас, која се бара за отстранувањето на спомениците посветени на Црвената армија. Русија воведе закони за казнување на рехабилитирањето на нацизмот, што вклучува и осквернување воени споменици.