Министерството за финансии на Берлин ја подарува вилата покрај езеро изградена за нацистичкиот шеф на пропагандата Јозеф Гебелс во 1939, во обид да се избегне нејзино рушење. Регионалниот министер Штефан Еверс изјави дека вилата е достапна бесплатно за секого кој би можел да го преземе нејзиното одржување.
„Ја нудам вилата на секој кој би сакал да ја преземе како подарок од властите на Берлин. Ако повторно не успееме како во последните децении, ќе немаме избор освен да ја урнеме, за што веќе правиме подготовки“, изјави Еверс.
Вилата изградена за Гебелс се простира на имот од 17 хектари, што Берлин му го подарил во 1936. Гебелс ја користел вилата за одмор, а покрај тоа што тука се собирале нацистички лидери, уметници и актери, се верува дека таа била и негово љубовно гнездо за бројни вонбрачни афери.
Откако Гебелс се самоубил во бункер во Берлин во 1945 заедно со сопругата и шесте деца, вилата привремено служела како воена болница, а потоа била претворена во центар на младинското крило на источногерманската комунистичка партија. По падот на Берлинскиот ѕид, вилата главно била напуштена, а нејзиното одржување станало голем товар за властите на Берлин и за федералната влада.