Новинарите на италијанската државна телевизија „РАИ“ стапија во штрајк денеска, протестирајќи против она што синдикатот го нарече задушувачка контрола од владата на Џорџа Мелони, за која вели дека се обидува да ја претвори „РАИ’ во гласноговорник на владата.
Традиција е италијанската влада да назначува лојалисти на највисоките позиции во „РАИ“, но откако Мелони ја презеде власта во 2022, угледни презентери и менаџери си заминаа оттаму поради, како што кажаа, мешањето на владата. Во последно време се засилија критиките за обидите на владата да ги замолчи новинарите преку правни постапки, заедно со предлозите на партијата Браќата на Италија на Мелони за зголемување на казните за клевета.
„Штрајкуваме за да ги одбраниме автономијата и независноста на јавниот радио и телевизиски сервис од сеприсутната контрола на информативните простори од страна на политичарите“, објави синдикатот „Усиграи“.
Владата на Мелони се обвинува за стратешка употреба на тужби за клевета за да ја замолчи опозицијата во медиумите, вклучително и жалбите против весникот „Домани“ и новинарот Роберто Савијано. Италија падна на 46. место во новиот Индекс за слобода на медиумите на Репортери без граници.