Украинските јавни обвинители кажаа дека истражиле остатоци од 21 од околу 50 севернокорејски балистички проектили испукани од Русија во периодот од крајот на декември до крајот на февруари, со цел да се проценат заканите кои произлегуваат од соработката помеѓу Русија и Северна Кореја. Од канцеларијата на јавниот обвинител Андриј Костин изјавија дека стапката на неуспешност на севернокорејското оружје е доста висока.
„Околу половина од севернокорејските проектили отстапиле од програмираната траекторија и експлодирале во воздухот, во некои такви случаи остатоци не се ни пронајдени“, кажаа од канцеларијата на Костин.
Севернокорејските проектили сочинуваат многу мал дел од арсеналот со кој Русија изведува воздушни напади врз Украина, но нивната наводна употреба ги алармираше Вашингтон и Сеул. Тие сметаат дека Северна Кореја на овој начин има можност да тестира свои проектили.
Последната регистрирана употреба на „хвасонг-11“ била на 27 февруари, велат од канцеларијата на јавниот обвинител на Украина, додавајќи дека Русија досега лансирала околу 50 вакви проектили. Нивни остатоци биле собрани во регионите Киев, Харкив, Полтава и Доњецк.
Украина не кажа дали некој од овие балистички проектили бил соборен.