Украинската војска објави дека се повлекла на нови позиции во две области во североисточниот регион Харкив, каде што Русија почна офанзива во петокот, при што освои десетина погранични села.
Киев во исто време предупреди дека Русија трупа сили на северот близу украинскиот регион Суми. Прекуграничен руски напад во овој регион уште повеќе би ги растегнал украинските сили, откако беше отворен нов фронт во Харкив, што ја натера Украина да испрати засилувања.
Русија објави дека вчера го зазела десеттото село во харкивскиот регион, но главна мета на нападот е градот Вовчанск, оддалечен пет километри од границата. Тамошниот шеф на полицијата изјави дека борби се водат во северниот дел на градот.
„Во одредени сектори во областите на Вовчанск и Лукјанци нашите единици се повлекоа на поповолни позиции со цел да се избегнат жртви“, соопшти генералштабот на украинската војска.
Шефот на украинското воено разузнавање Кирило Буданов изјави дека Русија веќе ги употребила сите трупи што ги имала на располагање за операцијата во Харкив, но во следните денови би можела да доведе резервни единици.
„Гледаме знаци на стабилизирање на ситуацијата. Непријателот е блокиран на линиите до кои успеал да стигне“, кажа Буданов.
Украина не верува дека Русија има доволно сили да го заземе Харкив.
Буданов вели дека мали групи на руските сили се стационирани во погранични области близу регионот Суми, но засега не тргнале во акција.