ПО ЖАЛБА НА СКОПЈАНКА, СУДОТ ВО СТРАЗБУР ПРЕСУДИ ДЕКА ПОСВОЕНИТЕ ДЕЦА ИМААТ ПРАВО ДА ЗНААТ КОИ ИМ СЕ БИОЛОШКИ РОДИТЕЛИ

    ПО ЖАЛБА НА СКОПЈАНКА, СУДОТ ВО СТРАЗБУР ПРЕСУДИ ДЕКА ПОСВОЕНИТЕ ДЕЦА ИМААТ ПРАВО ДА ЗНААТ КОИ ИМ СЕ БИОЛОШКИ РОДИТЕЛИСудот во Стразбур со пресудата потврдува дека индивидуалните околности на апликантката да го знае нејзиното потекло не СЕ земени предвид од македонските власти. (Фото: СДК.МК)

    Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур донесе пресуда во корист на скопјанката Митревска, која од надлежните македонски институции не можела да добие информации во врска со нејзиното посвојување, за нејзините биолошки родители, нејзиното родено име и датумот и местото на раѓање.

    Со нејзината жалба се аргументираше повреда на член 8 од Европска конвенција за заштита на човекови права со кој се гарантира правото на почитување на приватен и семеен живот.

    Како што велат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во врска со постапката на Митревска пред судот во Стразбур, оваа пресуда е од особено значење бидејќи упатува на правото на секој да знае кои се биолошките родители, како и да се има пристап до информации поврзани со здравјето, што севкупно е вклучено во опфатот на приватниот живот. Оттаму, велат од МЗМП, последиците кои оваа пресуда ќе ги наметне ќе предизвикаат итна и неодложна промена на Законот за семејство.

    „Станува збор за случајот на г-ѓа Митревска, која е посвоена уште додека била дете, на непрецизиран датум во постапка за целосно посвојување. Таа од надлежни институции побарала определени информации, како: нејзиното родено име, место на раѓање и информации за нејзините биолошки родители. Овие информации и биле потребни поради медицински и здравствени причини. Но, информациите никогаш не и биле дадени поради добиени образложувања дека завршените посвојувања се сметаат за службена тајна. Со пресудата, Судот упатува на прешироко поставената одредба од член 127-а на Законот за семејство со која е предвидено дека сите информации во однос на целосно посвојување претставуваат службена тајна. На овој начин Судот со пресудата потврдува дека индивидуалните околности на апликантката да го знае нејзиното потекло особено нејзиниот интерес да добие информации поврзани со нејзиното здравје, не се земени предвид од страна на македонските власти“, велат од МЗМП

    Од Македонското здружение на млади правници велат дека Законот за семејство утврдува дека целосното посвојување ги прекинува правата и одговорностите помеѓу посвоеникот и поранешното семејство, и информации за посвојувањата претставуваат службена тајна, но Законот за посвојување пак од своја страна, не содржи одредби во врска со тајноста на информациите поврзани со посвојувањето. Понатаму, тие објаснуваат дека Законот за општа управна постапка го воспоставува принципот на пропорционалност во управните постапки преку кој обезбедува заштита на правата и правните интереси на инволвираните страни, додека Кривичниот законик предвидува казни за јавно објавување на информации класифицирани како службена тајна.

    „Во линија на вака поставената законска рамка, праксата е одбивање на секој заинтересиран кој бил посвоен да пристапи кон евиденцијата и информациите за спроведено посвојување, што беше потврдено и со одлуката на Уставен суд да не поведе постапка за уставна оцена на членот 123-а од Законот за семејство со кој се наметнува тајноста на податоците. На овој начин, со пресудата на ЕСЧП во предметот Митревска против Северна Македонија, уште еднаш се враќа вниманието на Конвенцијата за правата на детето што е дел од нашиот правен поред, како и на Конвенцијата за заштита на децата и соработка во однос на посвојувањето меѓу државите, и се истакнува важноста од зачувување на идентитетот на детето и обезбедување пристап до информации во врска со неговото потекло“, велат од МЗМП.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира