Покрај проблемите со енормно загадениот воздух, Тетово години на ред мака мачи и со водата за пиење. Брзата експанзија на градот и зголемувањето на бројот на жителите не беа соодветно следени со развојот на водоводната мрежа, па градот повеќе од шест месeци во текот на годината се соочува со недостаток од вода за пиење и со повеќечасовни рестрикции. Освен ова, жителите се жалат и на заматување на водата и појава на песок. Затоа и многумина се прашуваат каква вода пијат и дали таа е хигиeнско-технoлошки исправна.
“Тетово пие изворска вода со висок квалитет. Според нашиот мониторинг, минатата година се замени 282 мостри на вода од градскиот водовод и од чешми од некои населби, според склучениот договор со ЈКП од Тетово за мониторинг на безбедноста на водата за пиење. Резултатите покажаа дека само во 16 случаеви е констаирано дека физичко-хемискиот состав на водата не задоволува и тоа најчесто поради заматување. Од замени 311 мостри во 12 случаеви водата била и бактериолошки неисправна. Ова се резултати мерени пред водата да дојде во градскиот резервар. Тука таа се хлорира по што таа во градскиот водовод се испушта како физичко-хемиски и бактериолошки исправна за пиење. И во градскиот водовод се случува повремено да дојде до заматување на водата, но тоа се случува во помали реони како резултат на прскање на водоводните цевки и при нивната поправка, а има случаи, повторно поради овие проблеми, кај некои корисница да се појави и песок во водата но и тоа е од локален карактер“, вели д-р. Ратко Давидовски, раководител на одделението за санитарно хигиенска дејност при Центарот за јавно здравје од Тетово.
Оваа служба врши секојдневен мониторинг за хлорираноста на водата и двапати неделно ги испитува другите параметри на квалитетотот на водата од градскиот водовод.
“Нашите мерење покажаа дека минатата година во 27 случаи водата не беше хлорирана. Пред некој ден дури три дена за ред водата не беше хлорирана. Затоа моравме да испратиме известувања за состојбата до градоначалничката на Тетово, до Центарот за управување со кризи и до ЈКП Тетово по што проблемот веднаш се реши. Тука морам да кажам дека водата во овие 27 дена иако не била хлорорана, според сите други параметри таа беше исправна за пиење. Порано правилата гласеа дека ако водата не е хлорирана тогаш се смета за неисправна за пиење, но со новите правилници тоа е сменето бидејќи сега се оди кон европскиот тренд водата помалку да се хлорира. Во зимски услови, при ниски температури, ова не е толкав проблем, но зголемувањето на температурата водата мораме редовно да ја хлорираме, бидејќи со тој дезифициенс можеме да вршиме заштита од опасната бактерија eшерихија коли. Според хемискиот состав таа не го оптоварува организмот, доста е мека а штетните хемиски елементи во неа се во крајно минимални количини, па слободно може да кажеме дека глобално земено тетовската вода е со 99 проценти квалитетна и безбедна за пиење“, појаснува д-р Давидовски.
Но ако е квалитетна, тетовската вода ја нема во доволни количини. Градот со години на ред во одредени периодни од годината се соочува со недостаток од вода за пиење. Кога годината е сушна и без доволно врнежи рестрикциите траат и по 6 па и до 8 часови во текот на денот, а во повисоките делови на градот вода има само два до три часа на ден. Според една анализа на ЈКП Тетово, од 9 милиони литри вода годишно, колку што доаѓа на градскиот резервар, ЈКП наплатува само 3 милиони литри. Останатите 6 милиони литри се губат во почвата поради старата и на места неисправна водоводна мрежа, еден дел од водата се испушта како вишок во периодите кога има големи количини вода и водоводната мрежа не може да ја прими сета вода, а дел ненаплатено се користи од дивите приклучоци. Новиот водовод кој требаше да обезбеди дополнителни 250 литри вода во секунда во најкритичните периоди, по 10 години изградба конечно е речиси завршен, но сѐ уште не може да биде предаден во употреба бидејќи се чека да се заврши со градба пречистителната станица.
„Во градскиот резервоар во овој момент доаѓааат под 280 литри во секунда. Минатата година во истиот период имавме околу 220 литри. За град голем како Тетово сѐ што е под 350 литри преставува недостаток на вода за пиење. Минатата 2016 обилуваше со дождови и тоа токму во октомври, па затоа неколку месеци имавме поволна хидрилошката состојба на Шарските извори. Но како што одминуваат овие зимски месеци, дотокот на водата постојано се намалува и затоа деновиве почнуваме со рестрикции на водата. Сега имаме рестрикции од 3 до 5 часот наутро, но ако се намали дотокот на водата, ќе воведеме и дневни рестрикции. Предвидуваме, според искуствата од минатите години, вака да биде сѐ до април кога изворите на Шара повторно ќе се наполнат со вода од топењето на снегот“, вели Сабедин Абедини, раководител на РЕ Водовод и додава:
„Освен со недостаток од вода за пиење, ние како јавно претпријатие секојдневно се среќаваме и со дефекти на водоводната мрежа. Во овој зимски период имавме над 200 интервенции, најчесто по две до три на ден. Во периодот кога водоводната мрежа работи под полн капацитет имаме многу повеќе дефекти. Тоа е и главната причина што повремено кај некои потрошувачи се јавува заматување на водата или песок. Но тоа е од локален карактер и не е карактеристика за целата водоводна мрежа. Најголем проблем ни прават поцинкуваните водоводни цевки, поставени пред четириесетина и повеќе години, кои веќе се дотраени и лесно пукаат, посебно кога ќе надојде поголема количина на вода. Што се однесува до недостатокот на хлор, тоа беше само мал технички проблем со одржувањето на филтерот на системот за хлорирање, но ние брзо го одстранивме“, вели Абедини.
И додека Тетовци пијат квалитетна вода за пиење во тетовските села состојбата е многу по проблематична. Водата во руралните општини се контролира според годишната програма на Центарот за јавно здравје која опфаќа вкупно 300 мостри годишна за 92 селски населби. Комуналните претпријатија од руралните средини имаат обврска да потпишат договор со Центарот за јавно здравје за дополнителна контрола на водата надвор од годишната програма на центарот, но освен општина Желино ниту една друга општина од тетовскиот регион нема потпишано ваков договор.
МАНГАН ВО СЕЛСКИТЕ ВОДОВОДИ И БУНАРИ
“Oд нашите испитувања се гледа дека од 20 до 25 проценти водата во селските водоводи е микробиолошки неисправна, а од 5 до 10 проценти е физичко-хемиски неисправна. Состојбата со квалитетот на водата е најкритична во селата Нераште, во Горно Палчиште често се појавува манган во бунарите, потоа во Гургурница каде водоводот не го опфаќа целото село па во еден дел се користи дождовница меѓу кои е и селското училиште. Во селото Жилче во дел од индивидуалните бунари исто така се појавува манган. Во минатата година ние зедовме 357 мостри од селските водоводи и бунари, при што водата во 147 случаи била биле физичко-хемиски неисправна, а од 362 бактериолошки мостри неиправност била забележана во 148 случаеви. Голем дел од селските водоводи немаат титулар на сопственост и затоа таму никој не се грижи за нивното одржување ниту за каптажите, водата воопшто не се хлорира и тоа е главната причина за лошиот квалитет на водата за пиење.
И кога станува збор за тетовската вода еве уште еден куриозитет, температурата на водата која од Шарските извори доаѓа во градскиот резервар изнесува 7 степени Целзиусови, а во зима таа се спушта дури до 4 степени, додека во водоводната мрежа таа не надминува 12 степени. Тоа водата за пиење во Тетово ја прави да е една од најладните во Македонија, ако не и пошироко.
З. АНДОНОВ