ТРЕБА ОГНОТ ДА СЕ ПЛАШИ ОД ПОЖАРНИКАРОТ, ВЕЛИ АЛЕКСАНДАР ВАСИЛЕВСКИ ОД БИТОЛА, КОЈ ПРЕД 40-ТИНА ГОДИНИ ИМ ПОМОГНАЛ НА ГРЦИТЕ ВО ГАСНЕЊЕ ПОЖАР БЕЗ ДА ЗНААТ

    ТРЕБА ОГНОТ ДА СЕ ПЛАШИ ОД ПОЖАРНИКАРОТ, ВЕЛИ АЛЕКСАНДАР ВАСИЛЕВСКИ ОД БИТОЛА, КОЈ ПРЕД 40-ТИНА ГОДИНИ ИМ ПОМОГНАЛ НА ГРЦИТЕ ВО ГАСНЕЊЕ ПОЖАР БЕЗ ДА ЗНААТ„Пак да се вратам назад, пак би бил пожарникар“, вели Василевски. (Фото: СДК.МК)

    Битолската противпожарна единица, која е најстарата на Балканот,  денеска слави 188 години постоење. На одбележувањето на Денот на пожарникарите беа поканети и пензионираните, а меѓу нив и 84-годишниотАлександар Василевски, кој гасел пожари 34 години, прво во Скопје, а потоа и во Битола.

    Василевски се сеќава дека во 1980-тите години со колегата изгаснале пожар на грчка територија во близина на границата до Македонија, притоа помагајќи им на двете држави огнот да не се рашири и да предизвика големи штети.

    „Пак да се вратам назад, пак би бил пожарникар. Треба огнот да се плаши од пожарникарот, а не пожарникарот од огнот. Најтежок пожар беше оној кај караулата над Гермијан на границата со Грција. Кај нив се разгори пожар и доаѓаше кон нас. Водникот на караула рече не смееме да одиме за да не ги провоцираме Грците. Седевме и чекавме. Едно време пожарникатот Васко Димовски, јас возач бев во тоа време, рече ‘пуштај вода’. Со лазење влезе на грчката територија, го пуштивме цревото и го изгасивме. Не дозволувајќи да направи штета ни кај нив, ни кај нас. Им помогнавме без да знаат за тоа“, вели Василевски.

    На роденденот на битолската противпожарна единица оформена во 1836, градоначалникот Тони Коњановски најави дека до крајот на годината ќе биде изграден до степен на карабина новиот противпожарен дом во касарната.

    Градоначалникот Тони Коњановски на денешното одбележување на Денот на пожарникарите. (Фото: СДК.МК)

    „Покрај повеќегодишните обиди да се направи нешто за подобрување на стандардот и условите во кои работат овие наши херои, оваа година скоро отпочнавме со работа на терен за изградба на новата зграда за Територијалната противпожарна единица. Ќе добиме нов објект на 1.600 квадратни метри во вредност од над 52 милиони денари. До крајот на годината објектот треба да биде до степен на карабина завршен, а потоа ќе отпочне втората фаза за внатрешно уредување“, рече Коњановски.

    Командирот Горан Димковски рече дека се солидно кадровски екипирани и имаат доволен број возила во исправна состојба.

    „Моментално сме 41 пожарникар, тоа е солидна бројка, по стандардите треба на 1.500 жители по еден пожарникар, тоа е околу 60 до 65 за да се комплетираме. Имаме одлични возила, дури 14, сите се исправни, исклучително добри теренски возила набавени од Франција кои можат да донесат вода на било која локација“, рече Димковски.

    Им престои летната сезона кога бројот на пожари за разлика од овој период кога ги има по петнаесетина месечно, се зголемува на стотина во јули и август.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира