ВО БИТОЛА ОД ЗЕМЈА СЕ ПРСКА ПРОТИВ КОМАРЦИ, НА ПЕЛИСТЕР НЕ СЕ ВРШИ ДЕЗИНСЕКЦИЈА

    ВО БИТОЛА ОД ЗЕМЈА СЕ ПРСКА ПРОТИВ КОМАРЦИ, НА ПЕЛИСТЕР НЕ СЕ ВРШИ ДЕЗИНСЕКЦИЈАБитолчани се жалат дека врие од коњски муви и други инсекти во шумските делови околу Битола и на Пелистер. (Фото: СДК.МК)

    Во општините Битола и Новаци почната е дезинсекција за уништување на ларвите на комарци. Со ваквото третирање, кое се спроведува од земја, опфатени се централното градско јадро, течението на реката Драгор, парковите, шеталиштата, останатите градски зелени површини, зелениот појас на касарната, околни села, индустрискиот дел, Хераклеја и високите делови од градот.

    Со дезинсекцијата се опфатени застоени води, реки, бари, мочурливи површини под вегетација, одводни канали и друго кои се мапирани на теренот како потенцијални места за развој на ларвените облици на комарците“, велат од Општина Битола.

    Дезинсекцијата не го опфаќа Пелистер. Битолчани се жалат дека врие од коњски муви и други инсекти во шумските делови околу Битола и на Пелистер. Битолчани кои таму рекреираат велат дека и покрај високите температури, мора да носат долги ракави за да не бидат каснати од инсекти. Се јавуваат со топлото време, односно од мај до крајот на август, а најмногу ги има на места каде што има сонце и влага.

    Од Националниот парк „Пелистер“ велат дека последното авионско третирање против инсекти на ниво на Македонија во кое биле опфатени и шумски површини се спровело во 2010 година.

    Општина Штип годинава нема да спроведува авионско праскање против комарци, туку само од земја. Од Општината велат дека се одлучиле за овој чекор откако минатите години увиделе дека авионското прскање не дава резултати. Прскањето од земја ќе го спроведува фирмата „Плант медика“ од Куманово, за што е склучен договор во висина од 13.000 евра. Првото прскање ќе се врши на 27 мај. Ќе се прска површина од неколку десетици хектари, најмногу во појасите покрај речните корита на Отиња, која минува низ центарот на градот и на Брегалница, која минува покрај најголемите населби во градот, каде и од двете страни има повеќе од 10 километри пешачка патека.

    Во Тетово не се знае кога ќе се прска против комарци. Билал Касами вели дека откако тој е градоначалник, редовно се врши прскање, но не знае годинава кога ќе се изврши и дали е распишан тендер.

    Велeс беше прва општина која годинава прскаше против комарци. Првото теренско прскање против ларви од комарци се изврши во април. Првото авионско прскање требаше да биде кон крајот на месецов, но досега не е извршено поради временските услови. Од Општината велат дека штом ќе има пет последователни дена без дожд, ќе се прска и од авион. Според тендерот, трипати во текот на летото ќе се врши авионско прскање против комарци.

    Во Скопје, минатиот викенд авионски се прскаше против ларви од комарци. Градоначалничката Данела Арсовска кажа дека не е доцна што првото прскање се врши во средината на мај и обвини дека медиумите шират лажни вести. 

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира