Генералното собрание на Обединетите нации ја изгласа резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Осумдесет и четири држави гласаа „за“, 19 беа против, а 68 земји беа воздржани.
Резолуцијата беше предложена од Германија и Руанда и спонзорирана од уште 34 држави, меѓу кои и Македонија. Иако Србија не е означена како виновник, тоа не го запре силното лобирање против резолуцијата од страна на лидерот на Република Српска, Милорад Додик и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Резолуцијата нема да придонесе за зајакнување на довербата, туку ќе отвори стари рани и ќе донесе нови поделби во регионот и во Обединетите нации. Бев во Сребреница и им се поклонив на бошњачките жртви, но за малку ќе бев линчуван. Зошто се носи резолуцијата кога станува збор за индивидуална одговорност и сите одговорни се веќе осудени“, изјави Вучиќ пред гласањето.
На 11 јули 1995 српските сили влегоа во Сребреница, која беше под посебна заштита на ОН и издвоија повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња, кои потоа беа убиени. И Србија и Република Српска негираат дека во Сребреница се случил геноцид, иако така беше утврдено од два суда на ОН.
Милорад Додик изјави дека со оваа резолуција БиХ е доведена во најголемата политичка криза, од која нема да се извлече.
„Сребреница одамна е политичка тема, а со оваа резолуција српскиот народ се прогласува за геноциден“, кажа Додик.