ВО КУМАНОВО УТРЕ ПРВО ПРСКАЊЕ ОД ЗЕМЈА ПРОТИВ КОМАРЦИ И КРЛЕЖИ

    ВО КУМАНОВО УТРЕ ПРВО ПРСКАЊЕ ОД ЗЕМЈА ПРОТИВ КОМАРЦИ И КРЛЕЖИСо дезинсекцијата против крлежи ќе бидат опфатени јавните зелени и цветни површини во градот, со акцент на зеленилото покрај градскиот кеј, јавните институции и установи, плоштадот и градските паркови. (Фото: СДК.МК)

    Во општина Куманово утре ќе се спроведе првата дезинсекција од земја за уништување ларви од комарци и крлежи. Во периодот од 5 до 8 часот ќе започне третирањето против крлежи, а од 8 до 10 часот против ларви на комарци.

    „Со дезинсекцијата против крлежи ќе бидат опфатени јавните зелени и цветни површини во градот, со акцент на зеленилото покрај градскиот кеј, јавните институции и установи, плоштадот и градските паркови. Третираните површини ќе бидат видно одбележани. Не се препорачува подолг претстој на површините, како за луѓе така и за животните, особено непосредно по извршување на третманот“, соопшти Општина Куманово.

    Ако временските услови не бидат поволни за извршување на третманите за дезинсекција, тогаш тие ќе бидат одложени за првиот нареден ден кога ќе се поправи времето.

    Општина Куманово за оваа година одвои 2,3 милиони денари (околу 37.000 евра) за оваа намена.

    „За авиотретирање предвидени се 1.692.000 денари без ДДВ за три прскања, додека за дезинсекција, дезинфекција и дератизација вредноста на договорот е 675.000 денари без ДДВ, а бројот на третмани ќе биде дополнително утврден“, велат од Општината.

    Првото авионското прскање против комарци е предвидено на средината на јули.

    За авионско прскање е ангажирана фирмата „Бониер“, додека услугите од земја ги пружа „Плант медика“, двете од Куманово. Од воздух се третираат 2 илјади хектари, а според спецификацијата различни по големина се површините кои ќе се третираат против штетни инсекти.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира