Четворицата членови на легендарната шведска група АББА во Кралската палата во Стокхолм ја добија една од најголемите почести во земјата, Витез на Кралскиот ред Васа.
Агнета Фалтског, Ани-Фрид Лингстад, Бени Андерсон и Бјерн Улвеус, кои ретко се појавуваат заедно во јавност и сега се во своите 70-ти години, добија ордени од кралот Карл 16 Густаф за „многу значајни придонеси во шведскиот и меѓународниот музички живот“.
Една од најпопуларните групи на сите времиња, која се формираше во 1972 и се раздели на почетокот на 1980-тите, продаде околу 385 милиони плочи и сè уште има голем број обожаватели низ светот.
Шведска оваа година го продолжи доделувањето на ордените за витештво на Швеѓаните по 50-годишна пауза.
Оваа 2024 година, исто така, се навршуваат 50 години од победата на АББА на Евровизија во Британија во 1974 со песната „Ватерло“, со која стекнаа светска слава.
По свеченоста, Улвеус изјави дека со големи емоции го примил одликувањето, особено затоа што доаѓа од шведската јавност.
Шведска има четири реда на витештвото, основани во 18. век, од кои редот Васа е најмладиот. Јавноста предлага имиња кој да добие титула, а конечните одлуки ги носи Владата.