Три недели откако беше застрелан, словачкиот премиер Роберт Фицо јавно се огласи во пресрет на изборите за Европскиот парламент и ги обвини словачката либерална опозиција, антивладините медиуми и невладините организации финансирани од странство дека создале клима на омраза и нетолеранција што довело до атентатот.
Фицо, кој беше тешко ранет на 15 мај, изјави дека му простува на напаѓачот и дека не чувствува никаква омраза кон него, опишувајќи го како активист на словачката опозиција. Седумдесет и едногодишниот напаѓач беше уапсен на самото место и се соочува со долга затворска казна.
„Тој беше гласник на злото и политичката омраза, поттикнат од неуспешната и исфрустрирана словачка опозиција“, кажа Фицо во видео на Фејсбук.
Опозициските партии го осудија пукањето и ги отфрлија сите врски со напаѓачот.
Фицо најави дека ако сѐ биде во ред, би можел да се врати на работа кон крајот на јуни.
„Со месеци предупредував дека со сигурност ќе има напад врз владини функционери. Нападот се случи во атмосфера во која опозицијата го искористуваше фактот дека колективниот запад се обидува да наметне единствена прифатлива надворешна политика, особено во однос на Украина, однесувајќи се грубо кон малите нации кои сакаат да тргнат по свој суверен пат“, вели Фицо и додаде:
„Би требало да сум полн со гнев, омраза и одмазда, но верувам дека болката низ која што поминувам ќе донесе нешто добро“.