МАКЕДОНИЈА ИМА НАЈЛОШО ЈАВНО И НАЈДОБРО ПРИВАТНО ЗДРАВСТВО ВО РЕГИОНОТ, А ИСТИТЕ ДОКТОРИ СЕ, ВЕЛИ ТАРАВАРИ

    МАКЕДОНИЈА ИМА НАЈЛОШО ЈАВНО И НАЈДОБРО ПРИВАТНО ЗДРАВСТВО ВО РЕГИОНОТ, А ИСТИТЕ ДОКТОРИ СЕ, ВЕЛИ ТАРАВАРИЕкономските директори кои во 2007 се воведоа на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ донесоа само економско лудило, рече професорот и доктор од Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски на панелот на Солуција. (Фото: К. Попов)

    Македонија има најлошо јавно здравство во регионот и најдобро приватно здравство, а работат истите доктори, рече д-р Арбен Таравари на денешната панел-дискусија за системски промени во здравството „Ни ‘ваши’, ни ‘наши’“,  на граѓанската иницијатива Солуција.

    „Кој и да биде нов министер за здравство, па и јас да бидам, прва работа што треба да се направи е да се спои Клинички центар“, рече Таравари, кој е градоначалник на Гостивар и поранешен министер за здравство.

    Тој кажа дека системот во Македонија е во целосен колапс, не само во здравство, туку и во правда, во образование.

    „Истите доктори работат и во државното и во приватното здравство. Е па, каде е проблемот? Проблемот е во организацијата. Не ни требаше тој луксуз од 2007 со 32 клиники, 64 директори и не знам колку членови од управни одбори“, рече Таравари.

    Економските директори кои во 2007 се воведоа на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ донесоа само економско лудило, рече професорот и доктор од Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски.

    Според Таравари, имаме солидно примарно здравство, но секундарното здравство низ Македонија е тотално изумрено.

    „Има болници каде докторите доаѓаат само така на работа, ќе го прегледаат пациентот и сите ги праќаат во Скопје“, рече Таравари.

    Беќаровски рече го памети периодот кога лекари се вработуваа според регуларна ранг-листа, а не како денес, од која партија е докторот.

    „Тоа беше во 1990-тите. Сега сме 2024 и треба да сме понапредни, а не сме. Имавме еден од најдобрите Медицински факултети, со едни од најсолидните кадри во Југославија“, рече Беќаровски.

    Тој рече дека во странство, кога се бира апарат за некоја клиника, се состанува стручниот колегиум, а не како кај нас се формира комисија, во која, вели тој, често не ни има доктор од соодветната проблематика. Д-р Беќаровски рече дека Европа ни го собира кремот од млади лекари и дека како професор секојдневно е во контакт со млади лекари кои учат повеќе странски јазици.

    „Само кај нас и во Албанија и во Косово има приватна специјализација. Во ред е и нека има, но мора да се има ред. Не може во моментов да имаме 23 специјализанти за пластична хирургија. Па, таман за цел Холивуд. Сите ли усти ќе прават“, рече д-р Беќаровски.

    Бојан Трајковски од Асоцијацијата за специјализанти и млади лекари рече дека мора да се престане со мешање на политиката во здравството.

    „Еве еден пример. Градската општа болница ‘8 Септември’ имаше одличен директор, Саша Стојчев. Прв ден како се смени власта, одма го сменија. Зошто? Го обожаваат сите”, рече Трајковски.

    На панелот учестуваа и Никола Брзанов од Клубот на млади лекари и Александра Цветановска од Македонско здружение на млади правници.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира