МИНЕРАЛНАТА ВОДА ОД МЕСНОСТА БАЊИЧЕ Е ЗАГАДЕНА И НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПИЕ, КАЖА ТЕТОВСКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    МИНЕРАЛНАТА ВОДА ОД МЕСНОСТА БАЊИЧЕ Е ЗАГАДЕНА И НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПИЕ, КАЖА ТЕТОВСКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕВодата во Бањиче не е ни за пиење ни за миење оти е бактериолошки неисправна. (Фото: СДК.МК)

    Во месноста Бањиче, кое е едно од најпосетените излетнички места во Тетово, постојат неколку извори со минерална вода за која тетовци велат дека е многу лековита. Но, според последните анализи на водата, направени од Центарот за јавно здравје од Тетово, се предупредува дека водата на две чешми во Бањиче е неисправна за пиење и се советува да се избегнува нејзината употреба.

    „Природната минералната вода од чешмата која се наоѓа кај кривината од патот во месноста Бањиче не се препорачува за пиење бидејќи содржи нечистотија, поточно колиформни бактерии и високо ниво на калциум. Освен оваа вода, неисправна е и водата од чешмата кај џамијата, исто така во месноста Бањиче. При последната извршена контрола на квалитетот на водата е утврдено дека таа е физичко-хемиски и микробиолошко загадена. Минералната вода на оваа чешма содржи колиформни бактерии, ешерихија коли и ентерококи. Според ова, водата не е за човечка употреба, што значи дека таа не смее да се користи ниту за пиење, ниту за миење. Вакви контроли на овие извори во месноста Бањиче се вршат 4 до 6 пати во текот на пролетните и летните месеци и ова не е првпат во овој период од годината да има загадување на водата на овие минерални извори, бидејќи вакви загадувања имало и во минатите години“, кажа д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово.

    Од Центарот за јавно здравје велат дека испитување на квалитетот на водата повторно ќе се изврши и наредната недела, а до тогаш им се препорачува граѓаните да не ја користат за пиење и миење сè до следното соопштение.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира