Вицеадмиралот Вивек Марти, кој раководи со американскиот Офицерски корпус за јавно здравје, повика да се додаде предупредувачка ознака на апликациите за социјални мрежи како потсетник дека тие платформи предизвикуваат штета кај младите луѓе, особено адолесцентите.
Во авторски текст во „Њујорк тајмс“, Марти вели дека оваа ознака сама по себе нема да ги направи социјалните мрежи безбедни за младите луѓе, но можат да помогнат да се зголеми свеста и да се промени однесувањето, како што е случај со студиите за тутун. Конгресот на САД ќе треба да донесе закон со кој се бара таква предупредувачка ознака.
Застапниците на младите и законодавците долго време ги обвинуваат платформите Фејсбук, Инстаграм, ТикТок и Снепчет за штетно влијание врз децата, како намалување на вниманието, промовирање негативни слики за телото и правејќи ги ранливи на онлајн насилници и злоставувачи.
„Време е да се стави предупредувачка ознака на платформите за социјални мрежи, на која ќе се наведе дека тие се поврзани со значителни штети за менталното здравје на адолесцентите“, напиша Марти.
Некои американски сојузни држави работеа на донесување закон за заштита на децата од штетните ефекти на социјалните мрежи, како што се анксиозност, депресија и други ментални болести.
Во март, гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, потпиша нацрт-закон со кој на децата под 14 години им се забранува користење на социјалните мрежи и бара за тоа да добијат согласност од родителите.