ЈУБИЛЕЈНОТО 45. СКОПСКО ЛЕТО ГО ПРАВИМЕ БЕЗ ПОМОШ ОД ГРАД СКОПЈЕ, САМО СО 800.000 ДЕНАРИ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ГЛИГОРОВ

    ЈУБИЛЕЈНОТО 45. СКОПСКО ЛЕТО ГО ПРАВИМЕ БЕЗ ПОМОШ ОД ГРАД СКОПЈЕ, САМО СО 800.000 ДЕНАРИ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ГЛИГОРОВСања Шуплевска (прва лево), Елизабета Кузмановска, Никола Глигиров, Горан Наумовски, Александар Герасимовски и Маја Чаначевиќ на прес-конференцијата за Скопско лето. (Фото: СДК.МК)

    Фестивалот Скопско лето, кој годинава се одржува по 45. пат, започнува  на 21 јуни со концертот на хрватскиот пијанист Звјездан Ружиќ во Куршумли Ан од 20.30 часот. Ќе го затвори концертот на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ на 31 јули во Сули Ан.

    „Годинава имаме 22 концерти, 7 театарски претстави од кои 3 се за деца, 7 изложби и две промоции на книги. Минатата година, имавме буџет од 2 милиона денари од Град Скопје и 2 милиона денари од Министерството за култура. Оваа година, програмата ја работиме со само 800.000 денари од Министерството за култура, без помош од Град Скопје. Сакам да им се заблагодарам на тие што во 1980 го стартуваа Скопско лето. Тие сметаа дека Скопје заслужува манифестација во текот на летото, а ние се трудиме секоја година да го оправдаме тоа“, кажа на денешната прес-конференција Никола Глигоров,  директор на Дирекцијата за култура и уметност која го организира  фестивалот.

    Тој додаде дека му е драго што годинава Скопско лето ќе понуди достојна програма.

    Сања Шуплевска од уметничкиот центар „Полифонија“ го најави концертот „Вивалдијада“, на 25 јуни од 19 часот во Музејот на македонската борба, на кој ќе настапат камерниот оркестар на „Полифонија“, хорот „Света Злата Мегленска“ и солисти од ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“. Маја Чаначевиќ  од институтот Фејмс  ги најави нивните концерти на 6 јули и на 22 јули во Сули Ан, а Александар Герасимовски од Музичка младина затворањето на 31 јули, и завршниот концерт на „Етно Македонија 24“ на 24 јули во Сули Ан.

    Горан Наумовски најави дека на 4 јули во Операта ќе се одржи концерт посветен на Григор Копров и неговите хитови на кој ќе пее Ана Петановска. Гости се Владо Јаневски, Наде Талевска и Горан Наумовски, а ќе свири камерен оркестар.

    М. ЏАРОВСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира