Час поскоро да се утврди откупната цена на житото, побараа земјоделците од Пелагонија на денешната средба со новиот министер за земјоделство Цветан Трупуновски. Иако жетвата е на прагот, рекоа дека уште не знаат по која цена ќе им се откупува лебното зрно.
„Молиме државата да направи напори што побрзо да се формира центата, да не ни го земе времето и тоа што е по полето. Град врне секој ден. Направете напори да ожнееме побрзо и за нас, и за државата ќе биде подобро. Час поскоро, оти времето не ни оди во прилог. Направете цената да чини за сите, да сакаме да се качиме на тракторите, со кејф и песна да одиме да жнееме и сееме, а не да стравуваме што нè чека“, рекоа земјоделците.
Земјоделците се пожалија дека репроматеријалите се скапи поради што и производната цена на житото е висока и стигнува над 19 денари од килограм. Тие очекуваат помош од државата преку субвенции, намалување на цената на репроматеријалите и помош преку зелена нафта.
„Сите сме дојдени на нула и бараме спас. Да ја дадам пченицата на 10 денари, кога производствента цена за килограм ме чини 19,02 денари и тоа без амортизација на механизацијата и исплатена работна рака, па ќе немам пари да инвестирам во следна сеидба“, рече земјоделецот Митат Исмаиловски.
Министерот Трипуновски рече дека ќе ги преземат сите можни мерки да им се помогне на земјоделците, но придобивките од политиките на новата власт земјоделците ќе ги почувствуваат дури следната жетва.
„Власта ја преземаме на половина година. За оваа година да биде на задоволство на земјоделците требаше некој друг да ја испланира жетвата и да го подготви теренот. Ова не го кажувам за да се оградиме од евентуален неуспех да постигнеме добра цена, само сакам да потсетам дека наследуваме катастрофална состојба во земјоделството. Позитивните политики на Владата ќе се осетат дури следната жетва откако оваа година ќе го подготвивме теренот и следната година земјоделците ќе почувствуваат што значи вистинска грижа за нивното земјоделство“, рече Трипуновски.
Тој за следниот период најави сет мерки за подобрување на состојбата. Деновиве продолжува со средби со земјоделци од другите делови на државата и со мелничари.
Во државата се засеани се 69.000 хектари со пченица, приносот во просек е 3,5 тони по хектар, па се очекува да да бидат ожнеани околу 235000 тони пченица во земјава.
Ж. ЗДРАВКОВСКА