Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека на сите пензионери во земјава од септември пензиите ќе им се зголемат за 2.500 денари. Ново зголемување за уште 2.500 денари ќе има во март догодина.
Мицкоски кажа дека во моментов во Буџетот нема пари за покачување на пензиите, но со ребалансот кој треба да биде усвоен во август ќе се обезбедат пари за лнеарно покачување на пензиите.
„Во Буџетот фалат 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра за исплата на тековните пензии. Тие пари се трошеле за работи за кои многу ќе се занимаваат истражните органи во периодот кој следи. И покрај тоа што недостасуваат пари во Буџетот за тековните пензии, ние со ребалансот на Буџетот ќе обезбедиме и за линеарно покачување, за што се потребни плус 40 милиони евра“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на поставувањето на камен-темелник на основно училиште во скопската населба Драчево.
Мицкоски кажа дека во март ќе има уште едно линеарно зголемување на пензиите од 2.500 денари и со тоа нивното предизборно ветување за зголемување од 5.000 денари ќе биде исполнето пред јуни 2025.
А. АНТЕВСКА