Марин Ле Пен, лидерката на Националниот собир (РН) во францускиот парламент, со години работеше на тоа да го поправи имиџот на партијата и да ја исчисти од антисемитистичките и екстремистички корени на нејзиниот татко Жан-Мари Ле Пен и другите основачи на она што порано беше Национален фронт.
Партијата денес е главно фокусирана на кризата на животните трошоци, но им остана доследна на своите антиимиграциски политики, поради што највисокиот суд во Франција оваа година потврди дека таа и натаму треба да се смета за крајно десна.
Новиот лидер на партијата Жордан Бардела сака да им забрани на двојните државјани да имаат пристап до чувствителните стратешки функции, нарекувајќи ги полудржавјани. Тој исто така сака да ја ограничи социјалната помош за имигрантите и да го укине автоматското право на француско државјанство за децата чии родители се родени во странство.
Сепак, забраната за носење муслимански шамии во јавност засега не е приоритет.
Партијата исто така ги ублажи своите политики против ЕУ и НАТО, а беа прекинати и некогашните блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин. Излегувањето на земјата од Европска Унија не е во агендата на РН од 2022.
Место тоа, главните цели на веројатниот иден премиер Бардела се намалувањето на даноците за енергија и 100 суштински намирници и укинувањето на контроверзните пензиски реформи на Макрон во рок од неколку месеци.
Националниот собир ја има најдобрата шанса досега да формира влада откако, според проекциите, на вчерашните избори освои 33,2 гласови, избивајќи пред левичарската коалиција Нов народен фронт со 28,1% и блокот Заедно на Макрон со 21%. Ако ги повтори овие резултати во вториот круг на 7 јули, РН би можел да има меѓу 230 и 280 пратеници во парламентот, а бидејќи за апсолутно мнозинство се потребни 289, крајната десница би можела да формира влада за кратко време и 28-годишниот Бардела да стане премиер.