Гоце Димовски, Александар Пандов, Сашо Клековски, Оливер Миланов и Здравко Трајанов се назначени за нови директори на пет државни институции, соопшти Владата по денешната седница.
Димовски е назначен за в. д. директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони, Пандов за в. д. директор на Управата за извршување на санкции, Клековски за нов в. д. директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Миланов за в. д. директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, а Трајанов за в. д. директор на Национални шуми.
Пандов е дипломиран историчар на Институтот по историја на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Бил пратеник во македонското собрание од 1998 до 2002. Тој претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и учесник на протестите на Тврдокорните кои на 27 април 2017 кулминираа во организираниот напад на Собранието, за што и сведочеше на судењето.
Клековски завршил Медицински факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и МБА академска програма на УАЦС. Тој има триесетгодишно искуство како менаџер, аналитичар, консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. Основач е и член на органи на повеќе граѓански организации, а соработувал со голем број на граѓански организации, мрежи и платформи од различни подрачја. Прв копретседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија од 2007 година до 2010. Предавач на Факултетот за деловна економија и менаџмент на УАЦС на МБА студии по предметот Претприемнички финансии од 2013 до 2016 Во јавниот сектор работел на подготовка на повеќе национални стратегии, како на пример првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2007-2011 година и првата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата 2007-2011 година, како и на јакнење на капацитетот на институции, како што се Народен правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Во приватниот сектор работел на стратешки анализи, како на пример Индексот за бирократија во 2020 и 2021 година и како консултант на реструктуирање на бизниси.
Димовски е доктор на науки, докторирал на тема „Улогата на странските директни инвестиции на перформансите на малите и средни претпријатија во Република Македонија”. Тој има долгогодишно работно искуство во институции и компании како што се ОБСЕ-ОДИХР, Министерство за транспорт и врски, Национален парк „Маврово”, Совет за јавните набавки на Македонија, Јавно сообраќајно претпријатие – Скопје, Пелагонија АД Гостивар, Министерство за финансии – Проект за подобрување на општинските услуги (МСИП и МСИП2) финансиран од Светска Банка, ЦРППР – Проект за стратешко планирање, истражување, развој на студии и креирање на пакет проекти за регионален развој на Полошкиот регион (иЦАРЕ) и Совет на Општина Гостивар. Димовски исто така има искуство во имплементација на инвестициски проекти финансирани од различни меѓународни финансиски институции како што се Светска Банка, Европската инвестициона банка, Банката за развој при Советот на Европа, Европската банка за реконструкција и развој и Германската развојна банка КфВ.
Миланов завршил Стоматолошки факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Миланов има работно искуство во делот на безбедност на храна, а доаѓа од позицијата ВД раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во Агенција за храна и ветеринарство. Учествувал во комисии и работилници од областа на безбедност на храна, а се стекнал со меѓународни сертификати преку учество на обуки во организација на Европската Унија.
Од Владата велат дека му препорачале на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ да го избере Трајанов на в. д. директор на Национални шуми“
Трајанов е редовен професор на Шумарски факултет во Скопје, на областа Искористување на шумите, Механизација во шумарството и Други, по предметите Шумски транспорт, Отворање на шумите, Вовед во градежништво, Парковски инфраструктурни објекти, Влијание на активностите врз животната средина, Феријална пракса. Трајанов во 2001 бил член на бордот на директори на ШИК Плачковица – Радовиш (претставник на државниот капитал). Во 2006 година бил надворешен советник во ЈП Македонски шуми, а бил и учесник во работната група за трансформација на ЈП Македонски шуми во 2013 година. Трајанов бил советник во Советот на Општина Радовиш, како и пратеник во Парламентот од 2020 до 2024 година. Тој има посетувано бројни обуки и има објавено голем број на научни и истражувачки трудови во областа на шумарството.