Италијанска подружница на францускиот гигант за луксузни производи „ЛВМХ“, која ги произведува чантите на „Диор“, е ставена под судска управа откако истрага открила дека ангажирала фирми во кинеска сопственост кои злоупотребувале работници.
Ова е трета ваква одлука на судот во Милано оваа година, кој во април назначи комесар да води фирма во сопственост на „Џорџо Армани“ по обвинувањата дека не успеала соодветно да ги надгледува своите добавувачи.
Обвинителите тврдат дека кршењето на правилата не било еднократно меѓу модните компании со производствени капацитети во Италија, туку систематско и водено од поголем профит.
„Тоа не е нешто спорадично што се однесува на поединечни производствени делови, туку генерализиран и консолидиран метод на производство“, се вели во судскиот документ.
Италија е дом на илјадници мали производители кои покриваат 50% до 55% од светското производство на луксузни добра.
Миланскиот суд нареди фирмата „Диор СРЛ“ да биде под судска управа една година и за тој период, таа ќе продолжи со својата работа. Истрагата се фокусирала на четири мали добавувачи кои работеле во околината на Милано, каде што меѓу работниците имало и илегални имигранти и лица без потребните документи.
„Работниците живееле и работеле во хигиенски и здравствени услови кои се под потребниот минимум. Тие спиеле на работното место со цел да бидат достапни 24 часа“, кажаа од судот.
Податоците за потрошувачката на струјата покажале дека фирмите често работеле ноќе, како и во денови на празници, а од машините биле отстранети безбедносни уреди со цел да работат побрзо.