Бројни донатори понудија помош за обнова на детската болница во Киев, која беше делумно уништена во вчерашните руски ракетни напади врз Украина, во кои загинаа најмалку 41 лице.
Даниел Бел, шефицата на украинската набљудувачка мисија за човекови права на Обединетите нации, изјави дека според нивните анализи, болницата била директно погодена од руски проектил, додека Москва тврди дека таа била погодена од украинската противвоздушна одбрана, без да понуди докази за тоа.
„Во болницата ‘Охматдит‘ се лекуваат деца со разни состојби, како рак и бубрежни заболувања. Во моментот на нападот во болницата имало 670 пациенти и 1.000 вработени. Децата биле префрлени во засолниште веднаш по огласувањето на сирените за воздушна тревога, со што е спречено да има многу повеќе жртви“, изјави Бел.
Украинската Служба за безбедност претстави докази дека болницата била погодена со хиперсоничен проектил „кинжал-101“, едно од најнапредните руски оружја.
Спасувачката операција во болницата заврши утрово. Претседателот Зеленски кажа дека речиси 400 луѓе учествувале во пребарувањето и расчистувањето на остатоците. Засега е познато дека во нападот загинале два лица, а десетици се ранети.
Големи украински компании веднаш донирале неколку милиони долари за обнова на болницата, која е една од најголемите во Европа од ваков тип. Директорот Володимир Жовнир изјави дека одделението за дијализа е целосно уништено и дека најмалку четири згради од комплексот се делумно уништени.
„Сите пациенти се префрлени во други медицински установи“, кажа Жовнир.