ЗАЧЕСТИЈА КРАЖБИ НА ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА СО КОРИСТЕЊЕ НА „БУКИНГ“, КОМПАНИЈАТА ГИ ИГНОРИРА ПРАШАЊАТА ДАЛИ ИМА ОДГОВОРНОСТ ЗА ИЗМАМИТЕ ШТО СЕ ПРАВАТ ВО НЕЈЗИНО ИМЕ

    ЗАЧЕСТИЈА КРАЖБИ НА ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА СО КОРИСТЕЊЕ НА „БУКИНГ“, КОМПАНИЈАТА ГИ ИГНОРИРА ПРАШАЊАТА ДАЛИ ИМА ОДГОВОРНОСТ ЗА ИЗМАМИТЕ ШТО СЕ ПРАВАТ ВО НЕЈЗИНО ИМЕЗа да изгледа измамата поубедливо, лицето кое се претставува како сопственик на стан испраќа линк до оглас на веб страна која што изгледа идентично како оглас на „Букинг“ (booking.com), но е контролирана од измамниците, и таму се врши уплатата, на сметка во реномирана европска банка. (Фото: СДК.МК)

    Онлајн платформата за патувања „Букинг“ често е цел на „фишинг“ измами, предизвикувајќи штета на самата компанија, хотелите, изнајмувачите на станови и на муштериите. Овие измами неодамна зачестија и меѓу измамените има и наши сограѓани.

    Еден од измамените е скопјанец кој минатиот недела барал да изнајми стан на подолг период во Италија. Нашол стан преку локална агенција за недвижности и потоа почнала комуникација преку мејл и телефон со изнајмувачот. За да изгледа измамата поубедливо, лицето кое се претставило како сопственик на станот му испратило линк до оглас на веб страна која што изгледа идентично како оглас на „Букинг“ (booking.com), но е контролирана од измамниците, и таму е извршена уплатата, на сметка во реномирана европска банка.

    Кога скопјанецот отишол во Италија, видел дека станот воопшто не постои и веќе не можел да стапи во контакт со изнајмувачот. Случајот е пријавен во италијанската полиција и предметот е даден на локален јавен обвинител. Отворена е истрага бидејќи, вакви случаи, особено со изнајмување станови за кус и за подолг престој зачестиле. На пример, истиот стан, на улица со исто име се нуди во повеќе градови низ Италија.

    Од агенцијата што ги огласува становите, а што потоа се појавуваат и на „Букинг“, измамениот добил само извинување, со тврдење дека и тие се жртва на измама.

    Случајот е документирано пријавен и во македонското МВР во одделот за компјутерски криминал, од каде ни беше кажано дека се постапува по него, но бидејќи станува збор за меѓународна мрежа измамници тоа бара координација со партнерските служби во другите држави.

    Ваквите измами ја нарушуваат репутацијата на „Букинг“, од чија страна доаѓа само сугестија корисниците да бидат повнимателни при резервациите. Компанијата и по две недели и по неколку ургенции испратени до службата за односи со јавност не одговори на нашите прашања откако им укажавме на конкретниот пример за измамен корисник.

    • Какви безбедносни и заштитни мерки презема Букинг за да спречи вакви напади?
    • Дали Букинг е предмет на кривични пријави од измамени корисници?
    • Дали Букинг е предмет на групни тужби од измамени корисници?

    Проблемот со „Букинг“ е и во игнорантскиот однос кон измамените измаманите муштерии кога ќе пробаат да бараат поддршка за мрежите за контакт. Тие не можат никако да стапат во контакт со никого затоа што треба да се регистрираат со бројот на резервацијата и пин, кои едноставно не постојат. Така што измамените едноставно се немоќни.

    Минатиот месец, „Букинг“ предупреди дека вештачка интелигенција предизвикува експлозија на измами со патувања. Директорката на компанијата Марни Вилкинг изјави дека во изминатите 18 месеци бројот на измамите се зголемил за 500-900%.

    Таа вели дека најчест проблем е фишингот, кога луѓето се измамени да ги остават деталите од своите платежни картички, што порасна со појавата на алатки како ЧетГПТ.

    „Се разбира, фишингот постои уште од појавата на мејлот, но бројот на измамите нагло се зголеми откако беше лансиран ЧетГПТ. Измамниците дефинитивно користат вештачка интелигенција за да напаѓааат далеку подобро од она што сме го виделе досега“, кажа Вилкинг.

    Исто така минатиот месец, во голема акција против онлајн мрежите за измама, координирана од Интерпол, беа замрзнати 6.745 банкарски сметки и запленети средства во вкупна вредност од 257 милиони долари.

    Операцијата „Прво светло 2024“ беше насочена против го фишингот, инвестициската измама, лажните онлајн-страници за купување, измамите со романса и лажно претставување, и доведе до апсење на 3.950 осомничени и идентификувани 14.643 други можни осомничени на сите континенти.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира