Емануел Макрон изјави дека никој не победил на изборите во Франција, огласувајќи се за првпат откако левичарската коалиција Нов народен фронт (НФП) неочекувано освои најголем број пратеници во неделата.
„Никој не победи. Ниедна политичка сила не постигна мнозинство сама. Блоковите и коалициите кои произлегоа од овие избори се сѐ малцинства“, кажа Макрон.
НФП освои нешто помалку од 200 места во парламентот, следен од сојузот Заедно на Макрон и крајната десница. Сепак, левицата не успеа да обезбеди мнозинство од 289 пратеници. И покрај тоа, таа го обвини Макрон дека одбива да признае пораз така што ќе и даде мандат за формирање влада.
Макрон владее без мнозинство во долниот дом на парламентот од 2022, а отсега ќе има и уште помалку места.
„Сите политички сили кои се идентификуваат со републиканските институции, владеењето на правото, парламентаризмот, европската ориентација и со одбраната на француската независност треба да се вклучат во искрен и лојален дијалог за да се изгради солидно мнозинство“, кажа Макрон.