ВОЗЕЊЕ ВЕЛОСИПЕД И ОДЕЊЕ СО АВТОБУС НА РАБОТА Е ПОПУЛИЗАМ, НИ ТРЕБААТ СЛУЖБЕНИ ВОЗИЛА И ДИПЛОМАТСКИ ПАСОШИ, ВЕЛАТ ОД АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА

    ВОЗЕЊЕ ВЕЛОСИПЕД И ОДЕЊЕ СО АВТОБУС НА РАБОТА Е ПОПУЛИЗАМ, НИ ТРЕБААТ СЛУЖБЕНИ ВОЗИЛА И ДИПЛОМАТСКИ ПАСОШИ, ВЕЛАТ ОД АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈАНовиот состав на Антикорупциската комисија (Фото: СДК.МК)

    Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) вели дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам, во денешно соопштение, во кое се напаѓа претходниот состав на комисијата. Новиот состав на ДКСК на чело со претседателката Татјана Димитровска стапи на функцијата на 8 февруари. Членови на ДКСК се судијката во Основниот суд Софија Спасова-Медарска, двајцата досегашни советници во ДКСК Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи и ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет.

    Исто така, новиот состав на ДКСК смета дека претходната претседателка на комисијата (Билјана Ивановска, н. з.) била присутна во јавноста со „паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети“.

    „Сметаме дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК. Дополнително поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат и беа прифатени исклучително мал број на иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство“, се вели во соопштението, насловено „Бројот на успешно затворени предмети ќе биде единствената ‘морална вертикала’ според која јавноста ќе може да ја оцени нашата работа“.

    Претходната претседателка на ДКСК одеше на работа со велосипед, а ДКСК воопшто немаше службени возила. Членовите на комисијата кои не се од Скопје добиваа надомест за патни трошоци во висина на цената на автобуска карта.

    Во врска со дипломатските пасоши, од ДКСК остануваат на ставот дека им следуваат и го повикуваат МНР да ја преиспита одлуката за дипломатските пасоши на ДКСК.

    Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска веќе добила дипломатски пасош, а останатите 6 членови доставиле барање, но ги немаат добиено.

    Од ДКСК велат дека имаат потреба од службени возила, но дека не бараат одделни возила за членовите на ДКСК.

    „ДКСК како институција има потреба од службени возила и за истите ќе се бара соодветно решение, но потенцираме ниту се побарани, ниту ќе бидат барани одделни возила за членовите на ДКСК“, се вели во соопштението.

    Од новиот состав нa ДКСК велат дека за пет месеци затвориле 21 предмет од областа на судир на интереси, 61 предмет од областа на спречување на корупција, како и 107 предмети од следење на имотна состојба, а на следната седница ќе бидат разгледувани околу 150 предлог одлуки по оформени предмети од новиот состав на ДКСК.

    Дополнително, велат оттаму, започнати се и активно се постапува на точно 103 постапки за прекршоци предвидени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира